Универзитетот во Фрајбург
22 октомври 2010Универзитетот во Фрајбург името го добил по двајцата основачи, Хабсбуршкиот војвода Албрехт VI. (1418-1463) и големиот војвода Лудвиг од Баден (1763-1830). Универзитетот во Фрајбург се состои од четири факултети и тоа: теолошки, правен, медицински и филозофски. Тука биле обучувани мноштво правници за потребите на јавната администрација, како и теолози за католичката црква.
Единаесет факултети со 160 студиски програми
На универзитетот во Фрајбург се запишани околу 21.000 студенти. Тој има повеќе од 160 студиски програми, распределени на единаесет факултети. Изборот е голем, што значи можат да се студира теологија, правни науки, математика, физика, биологија, како и науки за заштита на животната средина.
Универзитетските институции се распределени на четири локации. Филозофите, социолозите и правниците се сместени во центарот на Фрајбург. Природонаучниците и математичарите имаат свој кампус, т.н. институтско преградие во населбата Нојбург. Факултетот за применети науки се наоѓа во западниот дел од градот, каде се наоѓа и медицинскиот факултет со вкупно тринаесет клиники.
Институт за напредни студии (FRIAS)
Од 2007 година, фрајбуршкиот универзитет Алберхт Лудвиг го има статусот „елитен универзитет“. Посебен успех беше забележан со Колеџот за истражување, популарен и кај странските студенти, наречен „Freiburg Institute for Advanced Studies" (FRIAS). Овој колеџ е фокусиран на четири научни полиња и тоа книжевно-јазични, историски, биолошки науки и истражување на материјали.
Помош за странските студенти без бирократски процедури
Околу 16% од студентите на фрајбуршкиот факултет се странци. За нив се грижи Канцеларијата за странски студенти во зградата на ректоратот, односно на плоштадот Фаненбергплац. Оваа канцеларија е почетно место за прашања во врска со сместување, финансирање, стипендии или студиски програми. Од 2008 година има и една дополнителна понуда, т.н. „Инфо поинт“ шалтер. Вработените на „Инфо поинт“ шалтер имаат одредено работно време, во чии рамки брзо одговараат на прашањата на студентите.
Автор: Пиа Грам / Љубинка Божиновска
Редактор: Александра Трајковска