Украинската криза го враќа Западниот Балкан во фокусот на ЕУ
6 ноември 2014Шефовите на германската и на британската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер и Филип Хамонд делуваа задоволно. Нивната заедничка иницијатива, да му дадат нов импулс за европскиот интегративен процес во Југоисточна Европа, беше прифатена од учесниците на конференцијата за Западниот Балкан. Штајнмајер и Хамонд во Берлин ги поканија шефовите на дипломатиите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Србија, за заеднички да изнајдат решенија за повторно заживување на помалку подзастанатиот процес на проширување.
Централната порака од конференцијата беше јасна: целиот регион на Западниот Балкан има ЕУ перспектива. „Западниот Балкан се наоѓа во срцето на Европа, не само културно, туку и политички“, изјави Штајнмајер на почетокот на средбата. Исто толку јасна беше и пораката за следното проширување на ЕУ: пред 2020 година ниту една земја нема да стане членка.
Притоа, различните нерешени проблеми во земјите од регионот, остануваат и натаму најголема пречка на нивниот пат кон ЕУ. Сега тоа би требало побрзо да се менува, особено ако се следи желбата на Штајнмајер и Хамонд. Во прв ред, на Босна и Херцеговина и е потребен нов почеток по последните избори. Политичките лидери во БиХ беа повикани да спроведат јасни реформски чекори на повеќе полиња. Крајно време е да бидат спроведени реформи на правната држава, начинот на владеење, економијата и социјалната политика.
Учесниците на конференцијата беа единствени во оценката дека перспективата за членство во ЕУ за земјите од регионот е главниот мотор за спроведување на реформите. Но, без засилен ангажман на ЕУ и на САД, спроведувањето на таквите реформи ќе оди тешко.
И покрај тоа што во регионот владее мир, и натаму се провлекуваат истите проблеми како и на почетокот на 2000.: корупција, организиран криминал, недостатоци во владеењето на правото, бирократизираност и лоша инфраструктура.
Претставниците на економскиот сектор предупредија дека бројни поглавја на ЕУ законодавството не се во согласност со развојот во државите од регионот, но побараа и повеќе реализам во проценката на критериумите, затоа што државите бараат јасни ветувања дека нивните маки ќе бидат вреднувани.
Опасност од Русија
На конференцијата беше кажано дека кризата во Украина бара забрзување на интеграцискиот процес. Доколку процесот и натаму бележи застој, Русија ќе го зголеми своето влијание во регионот.
И поединечното вреднување на државите од ЈИЕ го покажува делумниот застој. Хрватска, иако веќе две години членка на ЕУ, не бележи речиси никаков напредок. Во БиХ и во Македонија видлив е застој на реформскиот процес. Албанија бележи напредок во борбата против корупцијата, но потребно е спроведување и на натамошни реформи. Истото важи и за Црна Гора. Поздравено е политичкото приближување меѓу Србија и Косово, како прв чекор кон нормализирање, но мора да следуваат и натамошни чекори.
Економијата и политиката го делат мислењето во однос на едно нешто: целиот регион е од големо економско и безбедносно-политичко значење за Европа. Од тие причини, ЕУ мора перспективата за членство на земјите уште појасно да ја артикулира. Но, од друга страна, и земјите од регионот мораат да ги исполнат условите за членство. Тоа се во прв ред: владеењето на правото, реформите на администрацијата, и заложба за заедничка безбедносната политика. Регионалните пазари мора да соработуваат за да се зголеми интересот кај инвеститорите. Една економска офанзива на луѓето во регионот ќе им донесе работни места и благосостојба.
Следната конференција за Западниот Балкан ќе се одржи на нивот на шефови на држави и влади во Виена во 2015 година.