1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ударни“ трупи на НАТО за одбрана од „руската мечка“

Бернд Ригерт/превод:БГ3 декември 2014

Повлекување од Авганистан, нова мисија во Европа: НАТО се трансформира за да и‘ парира на Русија. Веродостојната дипломатија мора да биде поддржана од акција доколку е потребна, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1Dybx
Фотографија: Getty Images/Sean Gallup

2014 година донесе голем пресврт во најголемата светска воена алијанса - наместо долга и скапа мисија за мир во Авганистан, фокусот се врти кон одбрана на Европа. Тоа е голем пресврт кој не се случува доброволно во Алијансата. Потегот го предизвика Русија со нападот врз Украина.

По планираното повлекување од Авганистан, НАТО планираше мирни проекти и заштеда на пари. Но, тоа нема да се случи. Старите капацитети во Европа кои беа разградени по крајот на Студената војна, сега мора повторно да се реизградат. Русија станува закана за источното крило на НАТО. Иако не се очекува Русија да вмаршира во Естонија или Летонија, чувството во Брисел е дека Русија на Путин веќе не е партнер, туку непредвидлива држава желна за моќ. НАТО се чувствува повикан да ја покаже својата моќ.

Откако го зајакна военото присуство на Балтикот и во воздушниот простор од Финска до Романија, сега Алијансата ги подготвува и копнените трупи. Формирани се трупи за брза интервенција, кои барем засега, не се ниту брзи ниту силни. Ќе потрае додека планираните 4 илјади трупи бидат оспособени за ангажман во Балтикот и Полска. Овие „ударни“ трупи ќе треба да бидат одржувани во постојана висока готовност. Но за да и‘ се спротивстават на Русија со конвенционални трупи, НАТО-државите ќе мораат да ги зајакнат копнените трупи и тенковските единици, а за тоа ќе бидат потребни време и пари.

Тоа ќе биде проблематично и за Германија, не само од материјален, туку и од кадровски аспект. Германија ќе мора да размисли за повторно воведување на обврската за воена служба, затоа што Бундесверот веќе сега се соочува со недостаток на персонал.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Паралелно со развојот на воени капацитети, НАТО-земјите ќе мора да продолжат и со дипломатските напори. Деескалација или наоѓање решение за конфликтот со Путин ќе биде далеку подобро.

Иако сме далеку од нивото на воена сила која беше видлива за време на Студената војна, кога милиони војници беа спротивставени во Централна Европа, НАТО сепак мора да планира за секоја случајност. Вклучително и можноста дека Русија нема да се задоволи да седи на страна и да гледа додека се создаваат „ударните“ трупи. Засилена активност на границите на НАТО, разместување на трупи, па дури и насочени акти на провокација, мора да се земат предвид.

Дали сето тоа ќе заврши со нова трка во вооружување меѓу Русија и НАТО е тешко да се процени. Факт е дека јужните членки на НАТО се чувствуваат многу загрозено од украинската криза. НАТО-членката Турција, на пример, и натаму договара вносни бизниси со Русија додека седи на состаноците на НАТО. Дополнителен предизвик за јужното крило на НАТО е заканата од терористичката армија Исламска држава, која може да се инфилтрира во Турција преку својата база во Сирија, а во моментов се обидува да ги зајакне своите позиции во Либија. НАТО нема одговор на овој предизвик. Тоа не е нешто што може да се реши со сили за брза интервенција. Или сепак може? Под раководство на САД беше формирана нова коалиција против Исламската држава. НАТО засега нема улога во таа коалиција, но и тоа може да се промени.