1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туск на балканска турнеја

СН/ агенции
24 април 2018

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, денеска во Тирана ја започнува повеќедневната турнеја на Западниот Балкан, за време на која уште ќе ги посети Скопје, Подгорица, Белград, Приштина и Сараево.

https://p.dw.com/p/2wYUz
Luxemburg - Donald Tusk bei Pressekonferenz zum post-Brexit in Sennigen
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

Како што е соопштено во Брисел, претседателот на Советот на Европската унија на претставниците во државите од Западен Балкан ќе им упати порака оти „ЕУ е и останува најдоверлив парнер во целиот регион“ и дека средбата во мај ЕУ-Западен Балкан ќе ја потврди „европската перспектива во регионот“.

Туск, кој ги подготвува и претседава на средбите на лидерите во ЕУ сака на средбите со лидерите од земјите од Западен Балкан да ги нагласи „веќе видливите клучни димензии и бројки на поврзаноста меѓу ЕУ и Западен Балкан“, пренесуваат извори блиски до претседателот на Советот на ЕУ.

Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Тој тоа ќе го поткрепи со податоци кои зборуваат, како што е кажано, дека ЕУ во Западен Балкан е најголем инвеститор, најголем донатор, најголем пазар и оти е „најдобар залог и ветување за подобра иднина на граѓаните во регионот“.

Повеќе:

-Туск: Историјата на Балканот е како „Игра на тронови“

-Длабоки поделби во ЕУ околу Западниот Балкан

Туск доаѓа и со ставот на ЕУ дека средбата на 17 мај во Софија со лидерите од Западен Балкан треба „опипливо да придонесе за поврзување со ЕУ и во рамките на самиот регионот“, а тоа ќе биде и можност да се разговара за билатералните односи со Унијата.

Во Скопје, претседателот на Советот на ЕУ ќе претстојува на последниот ден од балканската турнеја- 27 април и притоа ќе учествува на средбата на лидерите на земјите-членки на Процесот Брдо-Бриони.