Турција ја поддржува Македонија за влез во НАТО
19 февруари 2012Како што соопшти кабинетот на Иванов, централна тема на двете средби вчера била размена на мислења за состојбата со македонската интеграција во НАТО во пресрет на самитот во Чикаго.
„Претседателот Иванов изрази благодарност за поддршката што Македонија ја добива од Турција во Северноатлантскиот сојуз и подвлече дека Македонија ги исполни условите и заслужено очекува членство во НАТО“, се наведува во соопштението.
Претседателот Ѓул и премиерот Ердоган нагласиле дека Македонија секогаш може да смета на безусловна поддршка од Турција.
За време на средбите бил констатиран позитивен тренд во развојот на билатералните односи и соработка и било изразено задоволство од континуираното високо ниво на политички односи меѓу двете држави, кои се
карактеризираат со дух на пријателство, висок степен на доверба и отсуство
на отворени прашања. Соговорниците размениле и мислења и информации за регионалните прашања.
Автор: ЖА/СН/макфакс/миа
Редактор: Симе Недевски