1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трн во ногата на НАТО?

Борис Георгиевски15 март 2008

Напорите на претседателот Буш да ја зацементира својата транс-атлантска оставнина со внесувањето на Македонија, Албанија и Хрватска во НАТО е во распад пишува денешниот број на дневниот весник Њујорк Тајмс

https://p.dw.com/p/DOnq
Дали Алијансата претерува со проширувањата?Фотографија: AP

Додека Буш и другите лидери на Алијансата се подготвуваат да се сретнат во Романија за три недели, поканите за членство до Албанија, Хрватска и Македонија заглавија во судирот со Грција околу името на Македонија и посуштинските грижи дека ниту една од трите земји не ги исполнува домашните политички квалификации за членство, наведува Њујорк Тајмс.

За Буш, проширувањето на НАТО е дел од оставнината за која тој се надева дека ќе промовира демократија и слобода во некогаш комунистичкиот Балкан.

Нагласено инсистирање

Според неименувани дипломатски извори на Њујорк Тајмс, американската администрација толку силно притиска за покани за Македонија, Албанија и Хрватска што не земјите им биле дадени дополнителни 6 месеци за да докажат дека сториле доволен напредок во однос на политичките и правните реформи.

Дури и денес, само три недели пред самитот, администрацијата се уште не му го поднела на Конгресот бараниот извештај за вредноста од приемот на овие три земји.

Иако за време на минатонеделната расправа во Сенатот, никој не се спротивстави на доделувањето покани за трите земји, загриженост постои, особено во однос на тоа до каде ќе оди проширувањето.

Опасност од нефункционалност

„Многумина се загрижени дека Алијансата ќе стане толку голема што нема да може да функционира“, изјави демократскиот сенатор Џозеф Бајден. Останува и проблемот на одлучување со консензус, кој токму сега го користи Грција во својот спор со Македонија, пишува весникот.

Стенли Кобер од Кејто институтот во Вашингтон, за Њујорк тајмс коментира дека НАТО не може да продолжи со проширување без да ги решава актуелните проблеми, како оној во Авганистан. „Мислам дека пред да даваме ветувања на други земји, мораме прво да ги решиме актуелните кризи“, вели Кобер. Според овој аналитичар, проширувањето на НАТО е како воз кој со голема брзина оди напред, но попат му отпаѓаат тркалата.

Официјални претставници на американската администрација се спротивставуваат на ваквите тврдења, објаснувајќи дека проширувањето на НАТО ќе ја стабилизира организацијата но и ќе ја подобри глобалната безбедност. Друг американски функционер за Њујорк Тајмс вели дека една од главните причини за поддршката на Буш за трите земји е нивното учество во мисиите во Авганистан и Ирак. Според истиот извор, Македонија, Албанија и Хрватска вложиле многу напори за да решат барем дел од проблемите кои ги имаат.

Весникот особено го потенцира како негативен примерот на Албанија, земја која се наоѓа на 105-то место на Транспаренси интернешнл според нивото на корупција, но споменува дека и Хрватска и Македонија не се многу подобри и се наоѓаат на 65 односно 84 место.

Професорот по меѓународно право и дипломатија, Џефри Мекосланд заклучува дека со употребата на НАТО за постигнување политички цели, се ризикува да се загуби основната обврска, а тоа е одбрана од надворешни закани.

„Дали овие три земји ќе обезбедуваат безбедност или ќе бидат безбедносни муштерии?“, ја завршува Њујорк Тајмс анализата со дилемата на Мекосланд.