1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Триесет години затвор за Ар Кели

Арнд Рикман | агенции
30 јуни 2022

Познатиот американски пејач Ар Кели доби 30 години затвор поради злоставување.

https://p.dw.com/p/4DS9A
NYC, USA | Missbrauchsprozess | R. Kelly
Ар Кели на настап кога беше на врвот од својата кариера (Лас Вегас, 6.11.2015)Фотографија: PGFM/MediPunch/IMAGO

Тотален пад на музичката ѕвезда која некогаш сјаеше од поп-небото: познатиот американски пејач Роберт „Ар“ Кели е осуден на 30 години затвор. Судот во Њујорк му изрече долгогодишна затворска казна поради тешки сексуални кривични дела, соопшти судијката Ен Донели. По повеќенеделен судски процес, кој заврши минатата година, поротата го прогласи Ар Кели за виновен по сите точки на обвинението, меѓу кои и сексуално искористување малолетници, киднапирање и поткуп.

Во текот на судскиот процес против трикратниот добитник на наградата Греми, како сведоци се појавија десетици лица, а беа презентирани и стотици докази. Кели со децении се служел со „лаги, манипулации, закани и телесно злоставување“ со цел да ги задоволи своите сексуални нагони, објасни Обвинителството. Тој, како што се тврди, имал цела низа помагачи, кои за него систематски „регрутирале“ жртви и кои го штителе. „Без нив обвинетиот немало да може да се однесува злосторнички речиси три децении“, оцени Обвинителството.

Од Обвинителството беше побара казна затвор во траење од најмалку 25 години и се аргументираше дека Ар Кели и натаму претставува „сериозна закана за општеството“. Адвокатите на некогашната супер ѕвезда, која го испеа светскиот хит „I Believe I Can Fly" бараа пониска затворска казна, во траење од најмногу 17 години.

NYC, USA | Missbrauchsprozess | R. Kelly
Цртеж од изрекувањето на пресудата за Ар Кели во судот во ЊујоркФотографија: Jane Rosenberg/REUTERS

Изрекувањето на казната се случи еден месец пред почетокот на уште еден судски процес против Кели за злоставување, кој треба да почне на средината на август во суд во Чикаго. Освен тоа, против музичарот се водат и уште две други истражни постапки.

Првите обвинувања против Ар Кели се појавија уште пред 25 години. Во 2008 година тој се најде пред суд поради поседување фотографии на кои е прикажано тешко сексуално злоставување деца. Тогаш беше ослободен од обвинувањата. Други постапки кои беа покренати против него беа решени со вонсудски спогодби. Документарната серија Surviving R. Kelly објавена во 2019 година доведе до нова истрага против пејачот.