1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чудо или лудост?

Кристоф Хаселбах 1 август 2015

Грција преговара со нејзините меѓународни доверители за трета програма за помош. Новинарот на ДВ Кристоф Хаселбах се сомнева во смислата на тие разговори, но и се чуди зошто тие воопшто се одржуваат.

https://p.dw.com/p/1G8L9
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Времето притиска, како што се наведува. До крајот на август Грција мора на Еврпската централна банка да и’ го врати долгот од речиси 3 милијарди евра, а потоа во септември на ММФ уште 1,5 милијарди евра. Поради тоа преговорите за третиот пакет за помош треба да бидат завршени пред тоа.

Такво нешто или слично на тоа веќе често имавме можност да слушнеме. И за време на турбулентниот самит на ЕУ на крајот на јуни стана збор за кредитите за Грција со кои би се исплатиле другите кредити. Со други зборови, земјата, за да ги плати долговите, би требала уште повеќе да се задолжи. Овој систем порано или подоцна ќе пропадне. Тоа значи дека доверителите нема да можат да избегнат делумен простување на побаувањата на долговите.

Тежок товар

По двата пакета за помош Грција има повеќе од 300 милијарди евра долг, тоа е, според последните наводи на Еуростат, околу 170 проценти од Брутодомашниот производ. Со тоа Атина зазема тажна водечка позиција во ЕУ.

Спроти растењето на долговите има опаѓање на економската сила. Грчката економија дури во 2017. година би требало повторно да забележи раст. ММф верува оти Грција без натамошен отпис на долговите дури и под поволни услови ќе се задуши во своите долгови - како што истотака смета и владата во Атина .

ЕУ упатува на тоа дека Грција поголемиот број од своите кредити со камати ќе треба да почне да ги исплаќа дури од 2023. година. Но сепак треба да се заклучи: товарот од долговите е тежок, и тоа кај се’ постаро население чии најпаметни глави ја напуштаат земјата.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Знаци и чуда

Еднакво на политичко чудо е тоа што преговорите за третиот пакет за помош сега воопшто се одржуваат. Тоа, како прво, важи за самата Грција. Владата на Ципрас до неодамна не само што грубо ги одбиваше барањата на доверителите, туку и го повика народот да се изјасни за тоа, не пропуштајќи да му препорача едно НЕ- што, како што беше пожелно, со 60 проценти одбивање и се случи.

Втор дел од политичкото чудо може да се види во другите земји од еврозоната. Ципрас и неговите луѓе тие земји, пред се’ Германија, ги навредуваа дека се уценувачи, сега веќе поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис своите европски колеги дури ги нарече терористи. Сега токму тие земји кои повторно треба да плаќаат- и очигледно, што е чудо, се подготвени тоа да го сторат. Дали сите прламенти ќе ја играат оваа игра- тоа е друга работа. Но дека, на пример, критичниот фински парламент го одобри започнувањето на преговорите е дел од зачудувачката широкоградост на земјите од еврозоната чии нерви се искинати.

Уништена доверба

На важни противуслуги, меѓутоа, уште се чека. По одолговлекувањето на владата на Ципрас, давањето празни ветувања и мамењето, би било изненадувачки кога сега би била сериозна по прашањето за спроведување на потребните структурни реформи. А и тогаш би постоел проблем околу прашањето дали Грција е способна да се носи со долговите.

Темел за актуелните преговори на грчка страна е фактот дека Атина на крајот нема друг избор. А европските партнери на крајот одлучија политички, бидејќи сметаат оти колапсот на еврозоната и економски и политички би имал далекусежни последици, така што е подобро да се одважат на уште еден обид со комплицираниот партнер. Но на тој заеднички пат е уништена голема доверба. Европските политичари премногу зборуваа за последна шанса. Но еднаш и таа последна шанса е навистина пропуштена.