1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба ли НАТО дополнително да се вооружува?

Клаус Јансен / Александар Методијев10 мај 2014

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен бара дополнително вооружување на земјите-членки, поради кризата во Украина. Експертите со кои разговараше Дојче веле сметаат дека премногу се шири паника.

https://p.dw.com/p/1Bv9S
Фотографија: picture-alliance/dpa

„По она што го доживеавме во Украина, во иднина тежиштето без никаков сомнеж ќе биде на одбраната на териториите“, вели Андерс Фог Расмусен, генералниот секретар на НАТО. Тој смета дека анексијата на Крим мора да биде пресвртница во безбедносната политика на Западот, слично како што беа падот на Берлинскиот ѕид или терористичките напади на Њујорк и Вашингтон.

„На тоа мораме да реагираме. Не можеме понатаму да продолжиме по старо“, наведува Расмусен во интервју за „Франкфуртер алгемајнецајтунг“. Неговата идеја звучи едноставно – вооружување.

Мит за стариот непријател

Европските држави ги намалуваа воените буџети од завршувањето на Студената војна. Германија во 1990 година за одбрана издвојуваше 2,8 проценти од бруто домашниот производ, а сега тој процент е 1,3. НАТО им препорачува на своите членки да издвојуваат по два проценти од својот буџет за вооружување, но кон тоа малку која земја се придржува. Русија се движи во спротивен правец, па трошоците за модернизација на војската и застареното вооружување растат.

До 2020 година Кремљ би требал да пренесе во секторот одбрана околу 600 милијарди евра. Таква е проценката на Александер Ној, пратеник од Левицата во Комисијата за одбрана на Бундестагот. Ној сепак има и сомнеж дека Русија навистина би можела да издвои толкава сума на пари за војската. Тој вели дека во Европа се крева преголема паника.

Ostukraine Krise Rasmussen PK 16.04.2014 Brüssel
Генералниот секретар на НАТО во заминување се залага за дополнително вооружувањеФотографија: Reuters

„Ниту една држава од НАТО на никаков начин не е загрозена“, наведува Ној во разговорот за Дојче веле. „Станува збор за вештачка хистерија која треба да послужи за тоа НАТО повторно да стане поатрактивен во јавноста“, смета Ној.

А, медиумите на големо пишуваат дека НАТО повторно си се откри себеси. И тоа е така, смета Александер Ној и додава дека тоа се прави на начин што повторно се создава слика за Русија како за стариот непријател.

Идејата на Расмусен за нова ренесанса во вооружувањето тешко дека ќе наиде на поддршка во официјален Берлин. Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен кратко одговори дека приоритетот во Европа останува одржувањето на штотуку воспоставената економска стабилност. Експертот за безбедност Кристијан Мелинг верува дека слично размислуваат и владите во Мадрид, Рим или Париз.

„Овие земји имаат сосема поинаков непријател – тоа се проблемите во социјалниот и финансиски систем. И тоа многу поважна дилема отколку евентуалното давање нешто повеќе пари за војската“, вели Мелинг.

НАТО е веќе доволно силен

Противниците на дополнителното вооружување на НАТО потсетуваат дека тој и сега е воено многу појак и помодерен од руската армија. „Мислам дека тоа го знае и Русија“, рече министерката Фон дер Лајен.

Кристијан Мелинг од британската фондација „Наука и политика“ наведува дека само европските членки на НАТО се воено многу помоќни од Русија. Тоа се гледа во бројот на војници, тенковските единици, авиони...

„И според квалитетот на воената опрема и вооружувањето НАТО е исто така далеку пред Русија“, анализира Мелинг за Дојче веле.

Bundeswehrsoldaten Panzer
Тенкови на германскиот БундесверФотографија: dapd

Тој семта дека во Алијансата се потребни поголеми вложувања во модерни системи, како што се сателитите и беспилотните летала за надгледување, како и големите транспортни авиони. Мелинг додава дека заедничкото планирање и ангажирање на земјите од НАТО во развојот на технологијата би можело да заштеди околу 30 проценти од трошоците. Но, заедничките проекти, како што е борбениот авион „Еврофајтер“ или транспортерот „А400М“, покажуваат тромост во соработката за производство на вооружување и воена опрема.

Има уште една идеја за заштедување пари, а таа се однесува на стриктната поделба на улоги во рамките на НАТО. Така, на пример, Велика Британија би била задолжена само за морнарицата, а Германија само за логистика и транспорт. Противниците на оваа идеја велат дека кога поголем дел од членките на НАТО би биле за некаква интервенција, тогаш и Германија, на пример, би била принудена да учествува.

„Така би се поткопала улогата на националниот парламент, кој во однос на воените прашања и натаму има право на одлука“, смета Александер Ној.

Соговорниците на Дојче веле не сметаат дека кризата во Украина треба да означи почеток на нова трка за вооружување, како што тоа го бара Расмусен.