1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трајанов: Пендаровски може да говори и за бугарските уцени

30 јуни 2022

Самитот на НАТО во Мадрид е можност да се објасни штетноста на бугарската блокада за европската интеграција на РСМ и за единството во НАТО, вели лидерот на Демократски Сојуз.

https://p.dw.com/p/4DRwJ
NATO Gipfel in Madrid
Пред НАТО, Пендаровски може да се пофали со целосно усогласена надворешна политика со политиките на Алијансата и на ЕУ, оценува ТрајановФотографија: Kenny Holston/Pool/AP/picture alliance

Претседателот Стево Пендаровски може пред учесниците на Самитот на НАТО во Мадрид да ги актуелизира евроинтеграциските процеси на Македонија и да ги нагласи ирационалните барања на Бугарија, со кои се оспорува македонскиот идентитет, јазикот, историјата, како и уцените за промена на Уставот, како предуслов за тргање на ветото и почнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.

На ова повикува лидерот на владејачкиот Демократски Сојуз, Павле Трајанов, кој смета дека самитот на НАТО во Мадрид е одлична можност да се објасни штетноста на бугарската блокада и за единството во Алијансата.

„Пред премирите или претседателите на најмоќните членки на НАТО, Пендаровски може да се пофали со целосно усогласена надворешна политика со политиките на НАТО и ЕУ, поврзани со инвазијата на Русија над Украина, меѓу кои и помошта на Украина и санкциите кон Русија. Геостратегиски интерес е Македонија да биде членка на ЕУ, при што отворањето на поглавјата клучни за евроинтеграција ќе ги маргинализира или целосно ќе ги парализира силите кои сакаaт Македонија да буде црна дупка на Балканот. Нема потреба да бидеме молчеливи. Само ако имаме јасни ставови и аргументи и ако ги актуализираме, тогаш можат да нѐ разберат и другите, а Бугарија да сфати дека со блокадата на Македонија прави огромни штети и го руши единството во НАТО“, аргументира лидерот на ДС.

Според него, францускиот предлог за надминување на спорот наметнат од Бугарија, само ги зајакна позициите на Бугарија и нивната агресивна негаторска политика, при што, наместо да прокламира европски вредности и принципи, нѐ враќа во балканската историска кал.

Ова не е прв повик за бугарскиот однос кон РСМ да се проговори и во дворот на Алијансата, со оглед дека ветото засега две членки на НАТО - Албанија и Северна Македонија, а во време кога се води војна на тлото на Европа. Едвард Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон и експерт за Балканот, во повеќе наврати предупредува дека односот на Бугарија веќе е проблем и на НАТО.

„НАТО-членкатa Бугарија ја користи својата позиција на ЕУ-членка за ефективно да врши идентитетска агресија што е форма на агресија врз друг НАТО сојузник. Не може ова да го имаме во НАТО. Овој тип на агресија е сличен на она што го прави Русија во Украина, кога ѝ вели дека е вештачка држава. Тоа го прави Бугарија, ви вели - вие сте вештачка нација, вие сте Бугарија, вашиот јазик е бугарски, вашата историја до 1944 е бугарска. Ние велиме дека тоа е неприфатливо. Путин го прави тоа со бомби, Бугарија со блокирање. Ова е проблем на НАТО, затоа што една членка врши агресија на друга. Но ова е и проблем на САД, затоа што претседателот Румен Радев и други функционери го користат ова прашање за агенда што е во сојузништво со Путин. Оние кои го користат ова прашање во Бугарија се сојузници на Путин“, рече Џозеф за Агенда 35 на МТВ.

Pavle Trajanov -  ehemaliger Innenminister Nord-Mazedoniens
Павле Трајанов смета дека самитот на НАТО во Мадрид е одлична можност да се објасни штетноста на бугарската блокада за единството во АлијансатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Најмногу русофили меѓу поддржувачите на БСП

Дали за НАТО веќе свети „црвен аларм“ во Бугарија? Последните настани во Софија откриваат многу повеќе од она што се гледа само на „површината“. По одлуката да се протераат 70 руски дипломати од Софија, владејачката Бугарска социјалистичка партија (БСП) реши да ги прекине разговорите за формирање на нов кабинет со досегашниот партнер „Продолжуваме со промените“ на премиерот Кирил Петков. Според лидерката на БСП, Корнелија Нинова, Петков носел лични одлуки за прашања кои ја засегаат националната безбедност. Од БСП најавија продлжување на преговорите за ново мнозинство само ако ПП предложи нов кандидат за премиер.

Прорускиот наратив и инклинацијата на социјалистите се потврди и во истражување на јавното мислење спроведено теренски од 6-ти до16-ти јуни 2022 година од „Алфа Рисрч“, по нарачка на Институтот отворено општество - Софија. На прашањето „Ако има нова поделба, слична на Студената војна, каде треба да се позиционира Бугарија?“, дури 56 % од поддржувачите на БСП го посочуваат одговорот „Во сојуз со Русија, Белорусија и др“, а само 21% за сојуз со ЕУ и НАТО. На второ место во ваквата определба е „Преродба“ која се смета за отворено прокремљска партија. Од нејзините симпатизери само 17% се изјасниле за сојуз со НАТО и ЕУ, а 49 отсто за сојуз со Русија. Третата партија со повеќе русофили е „Бугарски подем“, предводена од поранешниот премиер Стефан Јанев (38% за сојуз со Русија наспроти 25% кои се за сојуз со НАТО и ЕУ).

Партиите со доминантни ставови кај гласачите за сојуз со НАТО и ЕУ се: „Демократска Бугарија“ е со највисок процент – дури 96% од нејзините поддржувачи се за сојуз со НАТО и ЕУ, а 0% за сојуз со Русија. Во „Продолжуваме со промените“ 68% од поддржувачите се за сојуз со НАТО и ЕУ, а 14% за сојуз со Русија. Во „Има таков народ“ 65% се за сојуз со НАТО и ЕУ, а 13% за сојуз со Русија. На четврто место е ГЕРБ, меѓу чии поддржувачи 58% поддржуваат сојуз со НАТО и ЕУ и 12% за сојуз со Русија. „Движењето за права и слободи“, кое одамна се претставува како една од најевроатлантските партии во Бугарија, всушност има најмногу поддржувачи кои се двоумеле или не давале одговор. Вкупно 48% не можеле да проценат или не одговориле, 21% се изјасниле за сојуз со Русија, а само 23% се за сојуз со НАТО и ЕУ.

Bulgarien  Kiril Petkov und Rumen Radev
Бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен Радев (11.12.2021)Фотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Во орбитата на Путин

Запрашан за протерувањето на руските дипломати од Бугарија, Радев вчера одговори дека не располага со потребните информации за да дискутира за темата.

„Се надевам дека премиерот во оставка ја донел таа одлука врз основа на солидна и веродостојна информација и дека ја обмислил добро и според обемот, и според последиците“, изјави Радев во Мадрид.

„Претседателот звучеше релативно меко бидејќи говореше од политичката арена на самитот на НАТО во Мадрид. Кога ќе се врати, сигурно со сите сили ќе го доразбие кабинетот на Петков и ќе ја преземе извршната власт, триумфирајќи над патетичните остатоци од четворната коалиција“, оценува за БГНЕС политикологот Цветанка Андреева.

Според неа, Бугарија е пред две сценарија: или ќе се продлабочи партиското опонирање против неможноста да се изгради стабилна владина коалиција со долгорочни цели засновани на евроатлантските принципи кои ќе ги изолираат од власта прокремаљските „преродби“, „походи“ и социјалисти, или политичката класа ќе пропадне уште еднаш пред очите на исцрпеното бугарско општество.

„Тогаш веќе Радев ќе ја има причината, атмосферата и легитимноста да ни го предложи неговиот режим, во кој демократијата ќе биде претставена како непријател на државата. Режим, во кој власта институционално ќе биде концентрирана кај Радев, а Бугарија ќе западне во модернизираната од Путин - верзија на геополитичката орбита, во која бевме за време на комунизмот“, предупредува Андреева.