1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СТО во проблеми: Но, зошто?

Мартин Михаел
12 декември 2019

Светската трговска организација (СТО) е во најголема криза во својата 25-годишна историја. САД веќе две години го блокираат именувањето на нови судии во арбитражните спорови. Каква е математиката на Трамп?

https://p.dw.com/p/3Uc3o
Schweiz WTO Gebäude in Genf
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Coffrini

За што всушност се работи?

СТО ја регулира светската трговија со стоки, услуги и интелектуална сопственост. Актуелниот конфликт конкретно се однесува на Жалбеното тело на СТО чија работа од вчера (11.12.) би можела да биде блокирана - поради недостаток на судии. САД, имено, веќе 2 години блокира именување на нови судии. Жалбеното тело брои 7 члена, но со арбитража и со сослушување можат да се занимаваат и минимално тројца судии. Во вторникот заврши мандатот на двајца судии, од вкупно тројца колку што се' уште ја извршуваат таа должност. Наследнички или наследници се' уште не се именувани. Поради тоа телото не може да донесува никакви одлуки.

Поради што се жали Вашингтон?

Американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати го нападна СТО, а Светската трговска организација ја обвини дека е пристрасна, односно оти во трговските конфликти застанува на страната на Кина и на останатите американски ривали. Но, спорот меѓу Вашингтон и СТО, со седиште во Женева, не започна со доаѓањето на Трамп, туку трае повеќе од десетлетие. Има многу критики кои стигнуваат од Америка. САД ѝ префрлаат на жалбената инстанца дека судиите ги пречекоруваат овластувањата и мандатот, односно оти судиите ги промениле одредбите за трговското право без согласност на земјите членки. Вашингтон освен тоа инсистира и на одредбите на Уставот на САД според кои не е дозволено некој странски суд да го „надомести“ домашниот, американскиот. САД се незадоволни и од платите на судиите (превисоки!) и со времетраењето на процесите (предолги!). САД дури се заканија дека ќе го блокираат усвојувањето на пресметките на СТО за наредната година, но минатата недела сепак го поддржаа компромисното решение, така што привремениот буџет сепак е усвоен. А со него е предвидено значително „кратење“ на средствата со кои располага Жалбеното тело.

Schweiz Genf | WTO Hauptquartier
Фотографија: Imago Images/Kyodo News

Зошто е важно Жалбеното тело?

Жалбеното тело често се нарекува и врховен суд на светската трговија. Секоја земја членка може да се жали доколку има чувство дека е обесправена. На тој начин (на прв поглед) послабите земји можат да влезат во „конфликт“ со трговските џинови. Бразил, како земја во која е релативно евтино да се одгледува шеќерна трска, токму на тој начин успеа да се избори ЕУ да не смее повеќе во голем стил да ги брани сопствените производители на шеќер.  Амбасадорот на ЕУ во СТО, Жао Агијар Мачадо ја коментираше можната блокада на Жалбеното тело: „Загрозена е идејата за мултилатерален трговски состав кој почива на заеднички правила“.

Што сакаат САД?

САД и Доналд Трамп, според мислењето на стручњаците, го застапуваат ставот како националните интереси најдобро да се заштитат со заобиколување на СТО, односно да склопуваат сопствени, билатерални трговски договори. „САД повеќе ги интересираат игри околу тоа кој има повеќе моќ отколку почитувањето на меѓународните правила“, вели Мартин Брамл од Институтот Ифо за економски истражувања во разговорот со ДВ.

Повеќе:

-Спорот на САД и Кина ќе има тешки последици за глобалната економија

-ЕУ- Кина: Ветувања кои го спасија образот

-Светска трговија 2019: Врзете ги појасите!

Кои се подледиците од блокадата?

Од вчера Жалбеното тело веќе не може да делува како последна инстанца во меѓународните трговски спорови. „Тешко е да се каже колку би можел да потрае спорот“, вели Брамл. „Жалбеното тело можеби нема да функционира и неколку месеци.“ Реална е опасноста дека во случај на спорови нема да има некаков алтернативен механизам за нивно решавање. Судиите кои го напуштаат Жалбеното тело можат (можеа) да решат само мал број отворени случаи. Веројатно во случај на подолга пауза да се насоберат голем број нерешени предмети. Спорот, освен тоа, би можел да има и една несакана нуспојава - веќе да не ги следи правилата на СТО, бидејќи ионака не се заканува никаква казна. А тогаш тоа би можело да доведе до нов протекционизам, односно заштита на сопствените, национални економии.

Како ќе реагираат останатите членки на СТО?

Вашингтон го отфрли предлогот на повеќе од 100 ( од вкупно 164) земји членки за именување на нови судии. Потоа еден дипломат претстави концепт за привремено решавање на арбитражните спорови, кои всушност ја отсликуваат правната пракса на судот на СТО. САД не сакаат да учествуваат во неговата работа.

Сѐ додека не се пронајде трајно решение, трговските спорови ќе се решаваат со вонсудски спогодби. Членките на СТО и во иднина ќе можат да поднесуваат жалби, но оние земји кои не се задоволни од одлуките, едноставно ќе можат да го одолговлекуваат нивното спроведување, и тоа со поднесување на жалби во функционалниот суд.

Schweiz Genf | WTO Hauptquartier
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Coffrini

Дали е оправдана Трамповата критика?

Откако стапи на должност, Трамп во повеќе наврати се пожали оти СТО се грижи за сечии интереси, само не за американските. Тој тврди дека Вашинготн ги изгубил речиси сите трговски спорови. Но САД ги имаат најчесто користено арбитражните услуги и на судот пријавиле повеќе случаи отколку Кина и ЕУ заедно. А стапката на успех на САД била поголема од кој било друг тужител.

Сепак во некои точки Трамп не е осамен во критиките. Во минатите години се` погласни се повиците за реформи особено по брзиот подем на Кина во рангот на најважен трговски партнер во светот. Иако Кина стана членка на СТО дури во 2001 година, Пекинг следеше агресивна извозна политика и неколкупати го прекрши ветувањето дека својот пазар целосно ќе го отвори за меѓународна трговија.