Трамп во Мексико пред важниот говор за доселувањето
31 август 2016Американскиот милијардер најави синоќа преку Твитер дека ја прифатил поканата од шефот на мексиканската држава Енрике Пења Нието. Според соопштението од мексиканското претседателство, покана во петокот му е испратена на Доналд Трамп како и на неговата демократска ривалка на претстојните американски претседателски избори во ноември, Хилари Клинтон. Претседателството најави дека состанокот ќе биде приватен.
Ова ќе биде прв состанок на претседателскиот кандидат Трамп со некој шеф на држава. Кога патуваше во Велика Британија во јуни, тој ги посети своите хотели и терените за голф и сѐ уште не беше официјален кандидат на републиканците.
Мексиканскиот претседател напиша на Твитер оти „верува оти дијалогот ги промовира интересите на Мексико во светот, пред сѐ ги заштитува Мексиканците, каде и да се наоѓаат“.
Ова патување е дотолку повеќе изненадување кога се знае дека Трамп ја започна својата трка за кандидатура во јуни 2015. година, обвинувајќи го Мексико оти преку границите на САД праќа криминалци, крадци и трговци со дрога. Тој ја градеше својата кампања на цврсто ветување дека ќе биде многу остар кон нелегалната имиграција и се обврза оти веднаш ќе изгради ѕид на американската јужна граница со Мексико и ќе протера 11 милиони луѓе без документи, поголемиот број Мексиканци, кои живеат во САД.
Тој, исто така, рече дека Мексико ќе плати дел за изградбата на ѕидот, што Пења одлучно го отфрли и своевремено го спореди Трамп со Адолф Хитлер и Бенито Мусолини.
Републиканскиот претседателски кандидат минатата недела најави можна промена на односот кон мексиканската популација, но потоа се повлече. Трамп треба вечер во Феникс во американската сојузна држава Аризона да одржи говор, кој со нетрпение се очекува и во кој би требало да го разјасни својот став за имиграцијата.
Со исклучок на ѕидот, некои ставови на Трамп по тоа прашање изгледаат премногу цврсти. Тој така редовно ги критикува т.н. градови засолништа во кои полицијата не соработува со сојузните власти околу имиграцијата. Сепак прашањето за судбината на околу 11 милиони луѓе кои се илегално во земјата е главно прашање. Трамп во 2015. година вети оти ќе формира специјална сојузна полиција само за протерување и се обврза деке ќе ги протера сите кои се без документи, кои потоа можат да се обидат да влезат во земјата по легален пат.
Тој минатиот вторник навести можно омекнување на политиката, можеби за семејствата кои не прават проблеми и живеат во земјата повеќе од 15 или 20 години. Но поради острите реакции на негодување од своите поддржувачи, тој се повлече и повторно ги обвини бегалците и нелегалните мигранти дека „им ги крадат работните места на Афроамериканците“.