1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Торнадата“ остануваат во Авганистан

3 јули 2007

Ангажманот на германските извидувачки авиони од типот торнадо во Авганистан е во склад со уставот – ова е накусо пресудата на највисоката судска инстанца во земјата.

https://p.dw.com/p/BCCB
Судиите на Уставниот суд при денешното објавување на пресудатаФотографија: AP

Ова е многу важна порака за нашите војници во Авганистан, изјави министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг по објавувањето на пресудата. Михаел Рајсенбергер ги појаснува деталите на тужбата и на пресудата во следниот прилог.

“Во име на народот ја прогласувам следната пресуда: тужбата се отфрла“ - вака претпладнево уставниот судија Винфрид Хасемер ја објави одлуката на Судот во Карлсруе. За да дојдат до ваквиот заклучок по тужбата на Партијата на новата левица, судиите многу детално ја истражија мисијата на германските војници во Авганистан и особено на шесте извидувачки авиони од типот торнадо. Главното обвинение на Партијата на левицата беше дека НАТО сојузот со ангажманот во Авганистан ги пречекорува договорните обврски меѓу земјите членки и не му служи повеќе на зачувувањето на мирот и заштитата на членките. Според наодот на уставните судии, мисијата ИСАФ има за цел да ја обезбедува обновата на Авганистан. Со тоа автоматски ја оневозможува агресивната политика на групите како Ал Каеда и радикалното исламско движење на Талибанците. Со тоа се дава непосреден прилог за безбедноста во евро-атлантскиот простор – што е и клучната цел на НАТО. При тоа Алијансата не ги ограничува воените ангажмани на териториите на земјите членки.

Втора точка на оспорување на ангажманот на Бундесверот во Авганистан беше наводното одвојување на НАТО од основната цел за зачувување на мирот. Но, судиите најдоа дека Алијансата преку ИСАФ силите само ограничено соработува со силите од паралелената операција “Ендјуринг фридом“, што ја спроведуваат американските трупи. Германските извидувачки авиони не се дел од операциите на американските сили, во кои има и поголем број цивилни жртви. Извидувачката дејност на торнадата, според Уставниот суд во Карлсруе, служи само за одржување на безбедноста во Авганистан и како подлога за обновата на земјата. Дел од снимките што ги лиферуваат торнадата можат да им бидат предадени на силите од “ендјуринг фридом“ само доколку е загрозена безбедноста на војниците од ИСАФ силите и им треба помош од американските единици на теренот.