170709 Anschläge Indonesien
17 јули 2009Завивање на сирени, гласни врескања - нешто по осум часот изутрината изби пекол во главниот град на Индонезија. Александер Атмасубрата е потресен, тој живее во близина. Токму џогирал во близина на хотелот „Мериот“ кога одекнала силна експлозија. Тој се фрлил на земја. Кога се растргнал чадот, втрчал во холот на хотелот и им помагал на луѓето да се спасат од урнатините. „Замолив неколку такси-возила да ги пренесуваат повредените в болница. Меѓу нив беа и неколкумина странци, делумно и тешко повредени. Изнесовме еден човек, кој остана без нога, една друга жртва беше во несвест“.
Ова не е првпат да биде извршен напад врз „Мериот“. Во експлозија на автомобил-бомба во 2003 година во тој луксузен хотел загинаа 12 лица.
Нападите дело на атентатори-самоубијци
Но, овојпат „Мериот“ не беше единствената цел. „Пет минути подоцна одекна експлозија и во хотелот „Риц-Карлтон“. Насекаде имаше парчиња од стакло, од прозорците се ширеше чад. Слушнав само една експлозија, а потоа се’ се замрачи. Подоцна на работ од улицата видов како лежат повредени, меѓу нив и повеќемина странци“, раскажува еден такси-возач, кој бил паркиран на околу 200 метри од хотелот.
Полицијата потврди дека нападите се дело на атентатори-самоубијци. Во „Риц-Карлтон“ биле пронајдени делови од телото на сторителот. „Осум лица загинаа во експлозијата, деветтата жртва почина в болница. Го истражуваме нивниот идентитет. Полициски тим веќе ја започна истрагата. Ќе ги разгледаме сите можни варијанти“, рече претставник на полицијата.
Експерти: нападите - дело на Џема исламија
Една од варијантите е дека нападите се дело на организацијата Џема исламија. Досега се’ уште никој не ја презеде одговорноста, но експерти претпоставуваат дека таа терористичка организација, која е активна само во Југоисточна Азија, е кадарна да изведе вакви координирани напади.
Претседателот на државата Сусило Бамбанг Јудхојоно свика кризна седница на владата. „Овие варварски и неодговорни терористички напади го уништија сето, што индонезискиот народ со мака го градеше во изминатите 5 години. Ова не фрла далеку назад и ужасните последици сега ќе мора да ги трпи целиот индонезиски народ“, реагира штотуку реизбраниот индонезиски претседател по денешните терористички напади. На прес-конференција тој најави решителни постапки против теророт: „Ветувам дека индонезиската влада ќе преземе јасни чекори против атентаторите и инспираторите на нападите, како и против сите, кои планираат натамошни напади врз нашата земја“.
Меѓународната заедница нема да попушти во борбата против тероризмот
Меѓу загинатите, според агенциски извештаи, има најмалку четворица странци, од кои еден е од Нов Зеланд, а двајца од Австралија. Според првичните наводи меѓу настраданите нема Германци. Германската влада најостро ги осуди нападите. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер побара сторителите да бидат фатени и изведени пред суд. Владиниот портпарол Вилхелм Улрих дополни дека вакви напади само ја јакнат меѓународната заедница да не попушти во борбата против меѓународниот тероризам. Европската унија, САД и Организацијата на Исламската конференција исто така ги осудија нападите во Џакарта.
Автор: ЗЈ/ /Робина Зифора /дпа
Редактор: Жана Ацеска