Тензични протести без поголеми инциденти во Македонија
11 мај 2012Повеќе илјади Албанци денеска протестираа во Скопје, Тетово, Куманово, Гостивар и други градови во Македонија против, како што тврдат, односот на полицијата кон уапсените во акцијата „Монструм“ за убиството на петмината кај Смиљковско езеро. Протестите, генерално, минаа мирно, со неколку помали инциденти.
Протестите во Скопје започнаа по петочната молитва во Јаја пашината џамија, најпрво пред зградата на Основниот суд во Скопје, а потоа и пред владината зграда.
Демонстрантите дистрибуираа флаери на кои пишува оти тие „ја делат болката на семејствата на загинатите и бараат убијците да се доведат пред лицето на правдата. Протестираме против навредите од владата против нејзините муслимански граѓани и нејзините обиди да исценира политички процес. Згрозени сме од албанскиот партнер во Владата (ДУИ) кои ги легитимизираа навредите од владата кон својот сопствен народ“.
Демонстрантите извикуваа „УЧК“, „Обединета Албанија“, „Алах е голем“, „Груевски е терорист“, а на транспарентите кои ги носат пишува „Муслиманите не се терористи“, „Сопот 2“...
Завршени протестите во другите градови
Во протестите пред Владата била каменувана владината зграда при што се искршени неколку прозорци, а демолирана е и автобуска постојка што се наоѓа во близина. Искршени биле и неколку прозорци на судската зграда. По завршување на протестите, демонстрантите се упатија кон зградата на општина Чаир. Попат, известувачот на ДВ јавува дека демонстрантите го каменувале седиштето на ДУИ и искршиле неколку прозорци на партиската зграда. Во протестите пред општината, демонстрантите со камења фрлале и кон полицајците, при што биле полесно повредени еден полицаец и камерманот на телевизијата Телма.
И протестите во другите градови минале мирно, а поголемиот дел од демонстрантите веќе се разотишле, јавуваат агенцијата Миа и други македонски медиуми.
На тетовскиот градски плоштад се собраа околу 200 лица кои се упатија кон судот, а потоа кон седиштето на ДУИ во Мала Речица.
Во Куманово протестите почнаа во центарот на градот, продолжија кон судот, општинската зграда и полиција. Инциденти не се регистрирани.
Во Гостивар, демонстрантите носејќи исламски верски симболи и знамиња на Албанија, протестираа по улиците во центарот на градот и пред зградата на Основниот и Апелацискиот суд. Не се регистрирани инциденти во Тетово, Куманово и Гостивар.