1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Темелот на ЕУ се рони

Кристоф Хаселбах / превод: З. Јордановски4 февруари 2015

Новиот грчки премиер Алексис Ципрас и неговиот левичарски сојуз Сириза го доведуваат под прашање европскиот консензус. Но, тој е одамна загрозен и од друга страна, смета Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/1EV2h
Фотографија: AFP/Getty Images

Во Атина еден левичарски победник на изборите смета дека ќе може со своите финансиско-политички барања да го уценува остатокот од Европа. Во Будимпешта еден десничарско-националистички премиер покажува воодушевување за рускиот претседател Путин. Конечно, еден британски конзервативен премиер се’ повеќе и повеќе ја оддалечува неговата земја од Европа. За тие три личности - Алексис Ципрас, Виктор Орбан и Дејвид Камерон - се врзува напуштањето на особено важни делови на европскиот базичен консензус. Уште не е јасно до каде ќе оди ваквиот развој, но јасно е дека тој е драматичен.

Помош во замена за реформи

Консензус во економската политика досега беше дека ЕУ ќе и’ помогне на некоја презадолжена земја под услов таа го доведе во ред својот буџет и со целесообразни реформи повторно своето стопанство да го направи конкурентно. Земјите кои им се потчинија на тие услови, платија висока цена во форма на невработеност и намалена социјална заштита. И покрај тоа, одеа по тој пат - доброволно, да нема недоразбирање. Никој не беше принуден. Одеа по тој пат со сознание дека само така ќе можат да излезат од мизеријата во која западнаа и повторно да си вратат дел од независноста. А донаторите на помошта беа подготвени да ја дадат таа жртва само со наметнување одредени услови.

Christoph Hasselbach
Кристоф Хаселбах, автор на коментаротФотографија: DW/M.Müller

Откако се спроведува таа политика имаше многу поплаки, демонстрации, штрајкови и жестоки дебати околу тоа. Но, во основа економско-политичкиот консензус опстојуваше; во спротивно во време на еврокризата би се разбило и единството на ЕУ. Ако Алексис Ципрас мисли дека може да добие се’ - значи, подршка од другите Европејци без тој со нешто да возврати - тој ја напушта заедничката база. Економски сега еврозоната би можела да издржи ако Грција ја напушти, но политички тоа би било катастрофа. Тоа би значело дека Европејците би дозволиле сопствен распад. Но, веќе сега секакви имитатори во други земји веруваат дека можат на своите избирачи да им нудат исто така нереални надежи за кратење на тешкиот пат. Ако која било влада успее да го реализира тоа, истиот момент тоа би било крај на каква било солидарност.

Задоволство во Кремљ

И консензусот за односот спрема Русија е акутно загрозен. Тој подразбира дека санкциите, иако можеби нема да го одвратат претседателот Путин од неговата империјалистичка политика и со нив државите на ЕУ си нанесуваат и самите економска штета, сепак се важни како знак дека Европа не прифаќа насилно поместување на границите. Но, и левичарот Ципрас во Грција и десничарскиот националист Орбан во Унгарија сметаат дека ЕУ треба да покаже поголемо разбирање за Москва.

Орбан, и не само тој, искажува дури отворени симпатии за политичкиот стил на Путин: врз некои политичари во ЕУ влијае исклучително охрабрувачки како Путин се однесува со опозицијата, медиумите, хомосексуалците или бегалците. А тоа, пак, го охрабрува Путин, кој активно работи за раскол во ЕУ. Оти, неединствена Европа нема многу други средства да му се спротивстави на Путин.

Кога ќе пукнат сите брани

Тука се и британските посебности, кои генерално ја ставаат под прашање европската готовност за компромис. И да се оправдани некои барања од Лондон за нова распределба на компетенциите во ЕУ или за полиберална економска политика, Дејвид Камерон и неговите сопартијци тие барања ги поставуваат толку нападно и ултимативно, што другите можат само да ги одбијат, ако сакаат да си го зачуваат самопочитувањето.

Фронтовите се целосно закоравени. Во меѓувреме се чини дека веќе не е исклучено Велика Британија, по референдум, целосно да ја напушти ЕУ. Тоа само по себе би била катастрофа, но би повлекло и дефинитивно пукање на сите брани во остатокот на ЕУ. Други земји би можеле или веднаш да го следат британскиот пример, или како услов за натамошно членство во ЕУ да поставуваат се’ нови и нови барања за исклучоци од заедничката регулатива, се’ додека на крајот веќе воопшто и не би останала некаква заедничка база.

Консензусот не е вредност сама за себе

Консензуси има изнудени, комотни или рамнодушни - а со тоа и наводни. Но, ако Европејците се борат за компромис, на крајот и го постигнат и потоа го користат за некоја заедничка цел, тогаш тој има голема вредност. Ниедна поединечна земја на ЕУ не може самата да ги обезбеди своите интереси во светот, туку во содејство со другите членки. Тоа важи и за големите земји како Германија или Велика Британија; за малите како Грција или Унгарија дотолку повеќе. Но, неопходна е заедничка база. Секој, кој неа ја доведува под прашање, треба и да каже како поинаку би можеле да одат работите.