Тексас им се заканува на меѓународните набљудувачи од ОБСЕ
25 октомври 2012Пред претседателските избори во САД се разгоре спор меѓу сојузната држава Тексас и меѓународните набљудувачи од ОБСЕ. Доколку тие се приближат на помалку од 30 метри до гласачките места, тоа ќе биде сметано за криминален акт, соопшти тексашкиот главен обвинител Грег Абот. Според него, никој не смее да се меша во процесот на гласање и да врши влијание врз него.
Изборните набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа, кои од 2002. година ги следат сите американски избори, поради заканите од Тексас се пожалија кај американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон. ОБСЕ во реакцијата, освен тоа, истакнува дека „САД како и сите земји на ОБСЕ имаат обврска да повикаат набљудувачи од ОДИХР за следење на изборите“, а дека се „неосновани“ наводите за наводна намера на набљудувачите да влијаат врз изборите или да се мешаат врз изборниот процес.
Регуларноста на претседателските избори на 6. ноември ќе ја следат повеќе од 50 набљудувачи на ОБСЕ.