Тежок тест за опстанок на еврозоната
8 мај 2012Во новоизбраниот парламент на Грција мнозинство имаат противниците на остриот курс на штедење диктиран од давателите на помошта за спас на презадолжената земја. „Мнозинството, се чини, е против враќање на долговите воопшто“, вели Ханс-Петер Бургхоф од универзитетот во Хоенхајм. „Тие сметаат дека долговите се неправедни и не треба да се враќаат. Со таков став, за кој свесно се определија, Грците сега ќе мораат да се соочат со пазарите на капитал“, изјави Бургхоф за Дојче веле (ДВ).
Грција може да испадне од еврозоната
Грција досега избегна банкрот благодарение на помошта од ЕУ и ММФ (Меѓународниот монетарен фонд). Но, тоа може да се промени, Европа може „да ги затвори славините, ако во Грција нема влада која сака да ги спроведе реформските планови“, укажува Холгер Шмидинг, главен економист на Беренгер-банката. Тогаш, според него, Грција може да испадне од зоната на еврото.
Ханс-Петер Бургхоф, пак, бара од овдешната политика да извлече консеквенции од определбата на грчките избирачи, односно дека веќе не треба да гарантира за долговите на Грција „ни по директен пат преку механизмите за спасување - уште помалку преку лудите концепти како еврообврзниците, ниту пак индиректно преку Европската централна банка (ЕЦБ)“.
Економско назадување на „големата нација“
А, токму еден таков „луд концепт“ сака да воведе Франсоа Оланд, новоизбраниот претседател на Франција. Тој посакува ЕЦБ да игра уште посилна улога во справувањето со кризата, се залага за поттикнување на стопански пораст со ново задолжување; во основа, значи, се’ спротивно од германскиот концепт. Оланд во предизборната кампања постојано повторуваше дека сака наново да се преговара за фискалниот пакт, кој е всушност единствениот конкретен резултат од кризниот менаџмент на политиката.
Иако ова изгледа како конфликт со Германија, не мора да заврши со конфронтација. Оланд ќе дејствува прагматично, смета Анзгар Белке од универзитетот Дуизбург-Есен. „Тој знае дека Германија е најважниот трговски партнер и Франција е притисната до ѕид“, вели Белке за ДВ.
Франција во конкуренција со Германија последните години се’ повеќе заостанува. Буџетскиот дефицит лани и’ изнесуваше 5,2 процента од севкупните стопански постигнувања, а на Германија само еден насто. Невработеноста таму е двојно повисока отколку во Германија, германскиот извоз турка добро, додека францускиот удел во извозот во ЕУ опаѓа. Поради тоа финансиските пазари со недоверба гледаат на втората најголема економија во ЕУ, што му е познато на Оланд. „Финансиските пазари ќе го казнат штом ќе посака да спроведе било што од неговите намери“, вели Белке.
За еврозоната клучен бонитетот на Германија
„Сега генерално претежнуваат луѓе кои веќе не се интересираат за стабилност“, вели Ханс-Петер Бургхоф. Тие посакуваат мека валута, која „овозможува полесно владеење и подобро експлоатирање првенствено на побогатите партнери“. Оттука, тој смета дека на долг рок е неодржлива највисоката оцена за бонитетот на Германија. Но, ако биде заслабена Германија, најголемиот давач на гаранции, тогаш, според Бургхоф, би биле избројани и деновите на еврозоната.