1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајна посета на канцеларката Меркел во Авганистан

6 април 2009

Кусо по ненајавената и тајно чувана посета на канцеларка Ангела Меркел на базата на германските војници во авганистанскиот град Кундус, блиску до базата паднаа две ракети.

https://p.dw.com/p/HRHG
Канцеларката Ангела Меркел во посета на германските војници во КундусФотографија: AP

„Морате едноставно да сфатите дека со оглед на драматичната безбедносна ситуација не можевме однапред да објавуваме информации за рутата по која ќе се движи канцеларката во северниот регион“ - порача денеска во Берлин портпаролот на владата Томас Штег.

Двете гранати кои паднале во близината на воената база на германската армија во Кундус не причиниле никаква штета, ниту пак повредиле некого, појаснија извори на Министерството за одбрана во Берлин. Ова е деветти напад врз базата од почетокот на оваа година, додаде портпаролот на министерството Кристијан Динст. „Кундус е познат како опасно место, каде се концентрираат активностите на непријателот. Останатите региони во кои носиме одговорност за безбедноста се помирни во споредба со Кундус.“

Кабул е премногу опасен

Од владини извори во Берлин се дознава дека канцеларката овој пат се концентрира на северниот дел на Авганистан и нема воопшто да допатува во Кабул. Затоа таа пред патувањето по телефон разговарала со претседателот Хамид Карзаи и меѓу другото иразила негодување поради новиот закон во Авганистан, кој на жените припаднички на шиитската религиозна заедница им пропишува најмалку секој четврти ден да ги извршуваат брачните обврски кон сопругот. Според портпаролот Томас Штег, канцеларката нагласила дека: „Овој закон не им соодвествува на замислите на германската влада за рамноправноста меѓу мажите и жените. Канцеларката апелираше претседателот Карзаи уште еднаш да го провери овој закон пред да го потпише. Тој вети дека ќе го стори тоа.“

Verteidigungsminister Franz Josef Jung in Kundus 1
Во придружба на канцеларката е и министерот за одбрана Франц Јозеф ЈунгФотографија: picture-alliance / dpa

Добро промислен потег

Посетата на канцеларката Меркел на Авганистан доаѓа по бројните критики од политичарите во Берлин дека покажува премал интерес за најголемиот и најскапиот ангажман на германската армија во странство. Покрај тоа, со ситуацијата во Авганистан деновиве се занимаваше и НАТО, па посетата на канцеларката треба да биде и доказ за важноста што германската влада и’ ја придава на меѓународната мисија во оваа земја. Конечно, експертите посочуваат дека наесен на Германија и’ претстојат парламентарни избори.

Автор: Нина Веркхојзер/ Горан Чутановски

Редактор: Жана Ацеска