1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тасева: Кривични пријави против организаторите на изборната кампања на ВМРО – ДПМНЕ и на ДУИ

СН/бг/мф29 април 2014

Транспаренси Интернешнал – Македонија најави дека поради сомневања за прекршување на Изборниот законик кривични пријави ќе бидат поднесени и против носители на одговорни функции во некои општини и во јавни претпријатија.

https://p.dw.com/p/1BqpD
Фотографија: MIA

Поради сомневање дека за време на изборните кампањи во 2014-та и оние за локалните избори што се одржаа во 2013 година бил прекршуван Изборниот законик, Транспаренси Интернешнал – Македонија најави дека ќе поднесе неколку кривични пријави до органите на Јавното обвинителство.

Овие пријави ќе се однесуваат на незаконското плаќање на трошоци за изборните кампањи, пред сe, плаќање во готовина, како и користење средства на локалните самоуправи или на јавни претпријатија за партиски цели, се вели во соопштението.

„Пријавите ќе се поднесат против официјалните организатори на изборните кампањи на партиите ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ, како и против носители на одговорни функции во некои општини и јавни претпријатија во земјава“, истакна Слаѓана Тасева од „TИ-М“.

Од таму додаваат дека ваквите случаи биле доказ дека Република Македонија сe уште нема поставено цврсти механизми за следење и заштита од ваков тип злоупотреби, што е „загрозувачки за демократскиот развој на државата“, бидејќи „не може да се говори дека изборната кампања била фер и условите биле подеднакви за сите учесници“.

„Во рамките на својата работа ќе поднесеме известувања за сиве овие случувања до Државната изборна комисија, до Државната комисија за спречување корупцијата, до Државниот завод за ревизија, а ги потсетуваме јавните обвинители дека во некои од случаите станува збор за кривични дела кои се гонат по службена должност“, додава Тасева.