Талибанците гласаат со бомби
18 септември 2010Најмалку седум луѓе ги загубија животите во напади на талибанците од отворањето на гласачките места на парламентарните избори во Авганистан, а гувернерот на провинцијата Кандахар преживеа обид за атентат.
Талибанците и претходно најавуваа дека ќе сторат се за да го спречат нормалниот тек на изборите, а за свои главни цели ги определија силите за безбедност и лицата кои се директно вклучени во изборниот процес.
Најголемиот дел од жртвите досега се токму припадници на обезбедувањето на гласачки места и тоа на северот на земјата.
„Не знам што ќе сторат талибанците. Тие сакаат да ги спречат изборите. Се плашам дека би можеле да нападнат и со тешко вооружување“, вели Гулам Мухамад од Кундуз.
Северниот град Кундуз, на минатите избори, пред пет години, важеше за најбезбедно место во земјата. Но тоа веќе одамна не е случај, потврдува и гувернерот Мухамад Омар.
„Годинава дури не бевме ниту во состојба да им ја гарантираме безбедноста на гласачите. Делови од периферијата на градот се под целосна контрола на талибанците и Ал Каеда“, вели Омар.
Ризикот за граѓаните е преголем
Низ целата земја, затворени останаа околу 1.200 избирачки места. Полицијата вели дека ризикот за граѓаните е преголем, откако талибанците се заканија дека ќе го нападнат секој кој ќе излезе на изборите.
Претставник на изборната комисија во земјата соопшти дека 92 проценти од избирачките места биле отворени и оцени дека излезноста е многу добра, иако одби да ја прецизира.
Во таква ситуација се чинат банални и неправилностите кои досега се појавија на изборите. Набљудувачите, чиј број е околу 7.500, јавуваат за бројни случаи на повеќекратно гласање.
Нешто повеќе од 10,5 милиони авганистанци денеска треба да изберат 249 пратеници во Народното собрание.
автор: БГ/афп/дв
редактор: Симе Недевски