1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„На човека му е потребна цврста волја... и цигари“

Ф. Вагенер / ЕМФ23 ноември 2015

Германија денеска се простува од поранешниот канцелар Хелмут Шмит, човекот кој знаеше да го каже суштинското, а притоа да биде и провокативен. Неговите изјави се легендарни...

https://p.dw.com/p/1HAhl
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

„Искреноста не бара од некого да каже се‘ што мисли. Искреноста само бара човекот никогаш да не го каже она што не го мисли.“

(без коментар)

„И додека ние овде, во Кабинетот, расправаме, оние во Кил го млатат ректорот и мочаат на маса во судницата.“

(Шмит знаеше да се изразува и на „освежувачки“ груб начин. На крајот на 60-тите години од минатиот век многу прецизно кажа што мисли за студентските протести - имено, ништо позитивно!)

„Интелектуалците секогаш клонат кон бесмислици.“

(Мала игра со зборови. Шмит себеси секогаш се опишуваше како некој кој се вбројоува во редот на „обичните луѓе“. Истовремено, тој се вбројуваше во интелектуалците и цел живот одржуваше блиски врски со уметниците, книжевниците и музичарите)

Bundeskanzler Helmut Schmidt
Знаше да биде провокативен - Шмит на прес-конференција во Бон, во 1980 годинаФотографија: picture alliance / Peter Popp

„Брзината на полжав е нормална брзина на секоја демократија“

(без коментар)

„Ниту едно воодушевување не смее да биде поголемо од трезвената приврзаност кон практичниот разум“

(Тоа беше мото на целокупниот негов политички ангажман)

„Оној кој има визии, би требало да оди на лекар“

(Ова го кажа само еднаш, но тоа е изрека по која сигурно ќе биде запаметен. Зошто? Затоа што тоа беше индиректна алузија на сметка на поранешниот канцелар на Германија, Вили Брант, кој важеше за „политички визионер“)

„Мемоарите се обид сопственото лице да се наслика поубаво отколку што е“

(без коментар)

„Мултикултурното општество е илузија на интелектуалците“

(околу тоа би можело да се расправа)

SPD-Parteitag 1982
Шмит на партиски конгрес на СПД во 1982 годинаФотографија: picture alliance / Klaus Rose

„Ништо не е поважно од грижата за луѓето во неволја... За мене теологијата се вбројува во најневажните работи кои постојат“

(без коментар)

„Кога малку подобро ќе се погледне, ќе се види дека новинарите кои се занимаваат со политика всушност повеќе се вборојуваат во политичари, отколку во новинари“

(Тука има нешто...)

Другите за Хелмут Шмит

Хелмут Шмит беше повеќе почитуван отколку сакан. Како канцелар беше доминантен, понекогаш дури и арогантен, како публицист - сеприсутен, со наклоност да се прави попаметен, нудеше многу можности да биде напаѓан.

„Хемијата не беше добра... се почитувавме, но не се сакавме нешто посебно.“

(Хелмут Кол, седна во канцеларската фотелја по Шмит во 1983 година)

„Шмит е подобар актер, јас сум подобар политичар“

(Франц-Јозеф Штраус 1980. Двајцата, Шмит и Штраус, беа познати по своите реторички говори во Бундестагот и беа противници во изборната кампања истата година, од која како победник излезе Шмит)

Deutschland Begräbnis von Helmut Schmidt in Hamburg
Германија денеска се простува од поранешниот канцеларФотографија: picture-alliance/dpa/A. Heimken

„Мораше да му се спротивставиш, тогаш ја снемуваше неговата самобендисаност“

(Герхард Баум, член на владата на Шмит, зборувајќи за своите доживувања како министер за внатрешни работи од редовите на ФДП во времето кога Шмит беше канцелар)

„Мислам дека значително придонесов за тоа на партиските конгреси да има мнозинство гласови по тешки прашања, за кои ти како шеф на владата сметаше дека се неопходни. Ти самиот мора да знаеш дека без мене не подолго, туку пократко ќе беше на функцијата и дека сигурно ќе имаше помал успех“

(Вили Брант во едно писмо до Шмит на 2 ноември 1981 година. Тогаш стануваше збор за прашањето дали еден социјалдемократски канцелар - Шмит - мора да биде и претседател на партијата, функција што во тој момент ја вршеше Брант)

„Шмит целиот свој живот ја презираше партијата“

(Хелмут Кол во 1983 година за Шмит и за СПД)