1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"Тагесцајтунг" за иднината на Косово

27 мај 2004
https://p.dw.com/p/AeGc

Продолжувањето на мандатот на меѓународните сили за Косово го преокупира вниманието не само на германскиот, туку и на парламентите од другите земји учеснички. Тоа е токму добра прилика за сведување политички биланс на изминатите пет години, а повод повеќе е и оставката на шефот на УНМИК Хари Холкери. Берлински “Тагесцајтунг“ по тој повод денеска донесува коментар под наслов “Мисијата на ОН пропадна“.

Автор: Ерих Ратфелдер

"Досегашната стратегија на мисијата на ОН, колку тоа и да е тешко да се каже, се покажа неуспешна. Вака не може и не смее да оди понатаму! Иако беа вложени огромни пари од даночните обврзници за финансирање на администрацијата на ОН, како и за силите на КФОР, обидот да се смират непријателските етнички групи на Албанците и Србите не вроди со плод. Економијата и по пет години владеење на ОН понатаму е во очајна состојба, а животниот стандард на населението е дури влошен. И покрај сите напори за создавање локална полиција со помош на експерти на ОН и на ЕУ, Косоварите од сите етнички групи не можат во никој случај да се чувствуваат безбедни. Ни планот за демократизација на земјата не можеше да биде испочитуван.

Основа за досегашната политика е Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, која по влегувањето на НАТО на Косово и етаблирањето на протекторатот на ОН во 1999-та година, го остави отворено прашањето за конечниот статус. Меѓународната заедница не сакаше уште повеќе да ја понижи Србија по нападот на Алијансата и го остави Косово меѓународно правно гледано во рамките на тогашната Југославија. Од друга страна таа го тешеше албанското мнозинство, кое вршеше притисок за независност од Србија, со ветувањето дека во скора иднина ќе се преговара за мирно решение.

Но, оваа квадратура на кругот не успеа. Мисијата на ОН навистина бараше од сите страни да прифатат демократски стандарди, за на тој начин некогаш да создаде мултикултурно, демократско Косово. Во тој процес националистичките чувства требаше да спласнат и да дојде до мирна соработка на двете спротиставени етнички групи. Но, веќе по претседателските, парламентарните и комуналните избори во 2002. меѓународната заедница покажа нерешителност околу предавањето на власта и одговорноста врз демократски избраните органи, бидејќи се плашеше дека Албанците би можеле да бараат незвисност во рамките на институциите. ЕУ, што ја застапуваше Хавиер Солана, ја придружуваше ваквата политика така што го изнуди опстанокот на заедничката држава на Србија и Црна Гора и преку тоа го поврза Косово за државата наследничка на Југославија.

Важноста на прашањето за статусот очигледно беше потценета од страна на меѓународната заедница. Веќе минатата година се намножија сигналите дека обете страни, како албанската, така и српската, сакаат конечно решавање на статусот. Неговото нерешавање им даде можност на националистите од обете страни да ги разгорат повторно националистичките чувства кај населението. Во Србија, по убиството на Зоран Ѓинѓиќ, а посебно по победата на Воислав Коштуница на почетокот од годината, српските барања беа се појасно изразени. Претставниците на српското малицинство во косовскиот парламент се повлекоа од пратеничките клупи и побараа самоуправа во српските енклави. Со тоа што мисијата на ОН им излезе пресрет на Србите, таа предизвика стврднување на албанскиот фронт. Мнозинството на албанското население на Косово почна да се плаши од враќање на српското владеење. Млади невработени Косовари, кои во сегашниот статус не гледаат никаква стопанска иднина за себе, уште минатата година се огласија со радикални тонови. Па дури и умерени косовски политичари како Бујар Букоши остро го критизираа лавирањето на ОН со Белград. Атмосферата наострена против УНИМК уште со неверојатните корупциски афери им помогна на поранешните членови на распуштената УЧК повторно да се вратат во политичкиот живот. Организираните напади врз српски квартови во се уште мешаните региони и разурнувањето на историските градби кон крајот на март требаше да создадат неповратни факти. Пораката гласеше: за Србите и оние делови од ромското малцинство кои симпатизираат со нив, не треба да има место на Косово.

Повинувањето на ваквата логика на ескалација би било погрешно. Но, меѓународната заедница мора да најде излез од пат позицијата и конечно да донесе решение што статусот на Косово го регулира на меѓународно правно ниво. Дури тогаш може да им биде одземена силата на радикалите од обете страни и да почне позитивен економски развој. Независноста на Косово не смее понатаму да биде табу тема. Но, на Србите и на Ромите тогаш им се потребни цврсти гаранции што ќе им обезбедат егзистенција во независно и демократско Косово со силно меѓународно присуство" – се вели во коментарот на Ерих Ратфелдер за весникот “Тагесцајтунг“ што излегува во Берлин.