1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегијата за Брегзит уште не е готова

Ж. Ацеска
15 ноември 2016

Според интерен извештај, на британската влада ѝ се потребни уште шест месеци за да најде стратегија за Брегзит. Причина се несогласувањата меѓу министрите.

https://p.dw.com/p/2SiiP
Großbritannien Brexit
Фотографија: Reuters/N. Hall

Според медиумиските извештаи, поради несогласувањата во владиниот кабинет, Велика Британија сѐ уште нема целокупен план за излез на земјата од ЕУ. Затоа, донесувањето на одлуката за планираниот Брегзит може да се влече уште шест месеци, известуваат Би-Би-Си и весникот „Тајмс“, повикувајќи се на интерен документ до кој стигнале медиумите. На британската влада за околу 500 проекти поврзани со Брегизт ѝ се потребни уште околу 30.000 дополнителни службеници заради обработка на стратегијата за излез на земјата од ЕУ. 

Повеќе министри спорат меѓусебно околу најпогодната стратегија за Брегзит. Конфликтот се води меѓу тројцата заговорници на Брегзит - министерот за надворешни работи Борис Џонсон, министерот за трговија Лиам Фокс и Дејвид Дејвис, министер во новоформираното Министерство за излез од ЕУ, од една и министерот за финансии Филип Хамонд и министерот за економија Грег Кларк од друга страна. Во извештајот се критикува тоа што премиерката Тереза Меј клони кон самостојни одлуки. Освен тоа, стои во документот, „главните актери“ во индустријата многу веројатно ќе „држат вперено оружје во главата на владата“ за да добијат слични повластици како автомобилскиот производител Нисан, и да се потврди дека нема да трпат штети поради Брегзит. Документот во врска со Брегзитот датира од 7 ноември и тој е подготвен од владин советник. Портпарол на владата се дистанцираше од документот, истакнувајќи дека не станува збор за владин извештај. 

Британците во јуни на историскиот референдум изгласаа излез од ЕУ. Премиерката Тереза Меј, според досегашните планови, до крајот на март 2017 година треба да ги почне официјалните излезни разговори со Брисел, кои ќе траат околу две години.