1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од врзување - зошто бегаме од врски

Јулија Вергин
18 јануари 2020

По неколку месеци, Лена веќе нема желба да остане во врска. Секогаш е исто. И` доаѓа се` премногу и пребрзо - и таа раскинува. Ако сака да открие зошто, мора подолго да остане во врска, вели терапевтот Гертруд Волф.

https://p.dw.com/p/3WLvW
Symbolbild Beziehungskrise, Paar (picture-alliance/Bildagentur-online/Cervo (Yay))
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Cervo (Yay)

„И повторно најрадо би раскинала", вели Лена. Не е прв пат да го чујам ова од неа. Напротив. Откако ја познавам, врските на мојата пријателка секогаш се одвиваат според истата шема. На екстремната еуфорија од вљубување следува така лош „мамурлук” што Лена не знае друг излез освен да го „откачи” партнерот.

Еве ја повторно пред мене, по едвај пет месеци врска со новото момче и се бори против импулсот да му раскине. Здодевно и` е. Нештата кои до скоро и` беа убави, сега ја нервираат. А, и неговите шеги во минатото и` беа посмешни. До скоро сѐ беше така убаво!

На Лена таквата состојба и е многу добро позната и овој пат сака да постапи поинаку од вообичаено. Сака да остане со партнерот бидејќи навистина и` се допаѓа. Освен тоа веќе сфатила дека може да бега од врските, но шемата на однесување секаде си ја носи со себе, бидејќи од себе не се бега.

„Да се избега од ситуацијата навистина не е добро решение", вели сексуалниот и терапевт за партнерски врски, Гертруд Волф. Тоа важи барем за оние случаи кога човек сака да го разбере сопственото однесување и да го промени. Ако Лена одлучи да не ја прекинува врската и на тој начин да го пресече вечниот круг на нејзиното однесување, за тоа ќе и` биде потребна храброст да се соочи со стравовите од кои постојано бега.

Мамурлакот по еуфоријата

Причините кои луѓето како Лена ги тераат постојано да бегаат се повеќеслојни, вели Волф. Проблемите својот зачеток може да го имаат уште во моментот кога се вљубуваат.

„Те сакам“

„Во фазата на вљубеност нашиот мозок е преплавен од дроги", објаснува Волф. „Серотонин, допамин и опијати се мешаат во коктел кој никогаш не би го добиле во слободна продажба во аптека."

Без разлика на тоа колку еуфорични, страствени или вљубени да сме на почетокот, дејството наскоро попушта. Како што и секоја забава некогаш има крај. Светлото се пали и следува - понекогаш болното - отрезнување.

Како зависник

„Во денешно време се вљубуваме во тотално непознати луѓе", вели Волф, благодарение на платформи како Тиндер и слично. Љубовните дроги ни го поматуваат мозокот, па прво не гледаме каков човек сме избрале. Некогаш се случуваат и негативни изненадувања. Ако двајца прво се запознаат како пријатели, ударот не е толку тежок.

Но, за некои луѓе чувството на вљубеност  има неодолива привлечност. Коктелот на чувства знае да направи и зависност, вели Волф. И Лена го сака тој спектакл од чувства: возбудата, забавата, чувството на леснотија.

Symbolbild Beziehungskrise
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Yay

Терапевтката предупредува да се остане присебен. „Таков човек би советувала да не се врзува многу на тоа чувство на вљубеност и да крене рачна кочница." Тоа е исто како со алкохолот, ако пиеш и вода помалку страшен ќе биде мамурлакот

„Несигурни во врска“

„Коктелот ‘опијати’ влијае околу половина година, а потоа мора повторно да јадете чоколадо," вели Волф. И не само тоа. „Одеднаш повторно ги чуствуваме нашите старите стравови." И тоа токму оние стравови од врзување.

Тоа може да биде причина и за потребата од бегство на Лена, претпоставува Волф. „Ние правиме разлика помеѓу неколку типа на врзување," вели терапевтката. Лена може да се стави во категоријата на луѓе „несигурни во врски“.

Теоријата за врзаност, за која зборува Волф потекнува од учењето на детскиот психијатар Џон Бовлби во која се опишуваат „настанувањето и можните промени во однос на врзувањето на луѓето." Според ова луѓе со страв од врзување, во детството преживеале некоја опасна ситуација во која биле оставени сами. Родителите не ја препознаваат потребата на детето – од која и да било причина, така што изостанува и соодветна поддршка и утеха.

Детето го преживува ваквото родителско однесување како отфрлање – што е болно искуство кое не сака да му се повтори. Затоа во иднина ваквите деца порадо си ги чуваат своите грижи и проблеми за себе и се обидуваат колку што е можно да избегнат негативни емоции

Symbolbild Beziehung
Фотографија: Isna


Кога стравот царува

„Овие луѓе потоа во староста имаат потешкотии да се препуштат и да влезат во долготрајна врска," вели Волф. Стравот игра голема улога. „Или се работи за страв од загуба или голем страв да не станат зависни." Лена често ми раскажуваше за татко и, особено за тоа дека многу ја нервирал со ставот дека знае сѐ најдобро. Таа се чуствувала задушена и неразбрана. Поради тоа порадо држи дистанца.

„Мајката и таткото се нашите први примери за поврзаност и преку нив ги градиме структурите за нашите идни врски," вели терапевтката Волф. Затоа дали е случајност тоа што Лена односите со момчето често ја потсетуваат на ситуации со татко и? Не, тоа не е случајност потврдува и Волф. „Тоа е исто како танц кој сте го научиле. Секако дека танцувате повторно и повторно."

Љубовта е (исто така) одлука

Добрата вест гласи: и како возрасни можеме да научиме нови потези за танцување. „Човек мора да се соочи со своите стравови од врзување," вели Волф. Првично ова не значи ништо повеќе од – издржи. Да не се бега туку да му се спротивставиш на импулсот за бегство.

Бидјеќи „љубовта како вонредна состојба не може да трае," вели Волф. Оној кој се уште се држи до овој идеал ќе бега цел живот. Тоа е една можност. „Прашањето е всушност: кој ќе му остане верен на овој идеал? Морам ли потоа да ги напуштам луѓето или сакам да ги задржам? Тогаш морам да го преиспитам својот идеал," вели Волф. Лена пред се мора да се реши дали ќе му даде шанса на мажот без предозирање со допамин во крвта. Веројато вреди да се обиде. Ако повторно не се случи ништо, таа секако може да си замине.