1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравување од зимска катастрофа во Сирија и во Ирак

Свен Пеле/ Симе Недевски14 ноември 2014

Околу 12 милиони луѓе во Сирија и во Ирак зависат од меѓународната хуманитарна помош. А кризната ситуација се заострува. До почетокот на зимата останаа уште неколку недели. Се заканува голема хуманитарна катастрофа.

https://p.dw.com/p/1DYfU
Фотографија: Getty Images/Gokhan Sahin

Во ОН се зборува за „најголемиот случај за потреба од хуманитарна помош на нашето време“. За неколку недели ќе пристигне зимата во и онака кризните подрачја во Сирија и во Ирак. Кога температурите ќе паднат под нула, страдањата на луѓето во тие области ќе бидат уште поголеми. Во многу места недостасуваат најосновни работи. Многу бегалци живеат на отворено или имаат привремени сместувања. Поради тоа е оправдан стравот дека многумина нема да ја преживеат зимата.

Бербел Дикман, претседателка на германската хуманитарна организација „Welthungerhilfe" вели дека особено во Сирија, која е тешко погодена од граѓанската војна, недостасуваат сместувања, зимска облека и ќебиња. Често нема доволно храна и вода за пиење. Дикман вели дека оваа ситуација била незамислива пред 5 години. Бидејќи, пред граѓанската војна во Сирија владееше солидна прехранбена состојба.

Продолжува приливот на бегалци од воените области

Infografik Welthunger-Index 2014 Veränderung zu 1990
Индексот за гладот во светот за 2014

Тоа драстично се промени за време на воените години. Хуманитарната организација ОЦХА претпоставува дека повеќе од 6 милиони луѓе во Сирија зависат од хуманитарна помош. Многу полиња се необработени, бидејќи луѓето побегнаа во соседните држави од владините сили или радикалните исламистички милиции, како што е Исламската Држава (ИД). Таму се зависни од помош од надвор. Моментално во соседните држави има речиси 3 милиони сириски бегалци, проценуваат од Високиот комесаријат за бегалци на ОН - УНХЦР. Поголемиот дел од нив останале во Либан, Турција или во Јордан. Од октомври само од Кобане, сирискиот пограничен град на сириско-турската граница, во Турција побегнаа над 170.000 луѓе.

И во Ирак ситуацијата излезе од контрола. Се’ повеќе луѓе бегаат преку граница од терористичката милиција ИД. Особено во Јордан или во Турција. Од јануари се протерани околу 1,8 милиони луѓе. Дополнително, според проценките на УНХЦР, речиси 900.000 раселени лица се наоѓаат во Ирак, на пример во курдската покраина на северот на земјата и таму бараат заштита. Главно доаѓаат од области кои се под контрола на ИД во Нинива, Салахадин и покраината Анбар.

Изминатите години значително се влоши прехранбената состојба во државата. Според последниот извештај на „Welthungerhilfe“, Ирак има втор најлош резултат од сите држави. Од 1990. година бројот на хронично гладни лица во светот се намали за 39 проценти. Наспроти глобалниот тренд, во Ирак бројот на гладни од 1990. година се зголеми повеќе од двојно.

Повеќе помош и тоа што побрзо

„Имаме неколку недели додека дојде зимата. Програмата на Ворлд Фуд нема доволно пари. Храна има само за уште 6 недели. Веќе се намалуваат оброците за бебињата“, ја опиша во октомври мрачната слика на состојбата германскиот министер за развој, Герд Милер.

Welthunger-Index 2014 Bärbel Dieckmann
Бербел ДикманФотографија: picture-alliance/dpa/Lukas Schulze

Неговиот ресор уште во август обезбеди 20 милиони евра за итна помош за бегалците во Ирак. „Ние можеме и мораме да им помогнеме на луѓето да ја надминат ситуацијата, да ја преживеат зимата“, рече Милер. Притоа не е должна да помогне само германската влада. „ЕУ има пари. Достапни фондови кои се полни. Поради тоа барам посебна милијарда, која веднаш ќе се употреби за изградба на сместувања за зима, за да се ублажи бедата“, додаде тогаш Милер.

„Тоа е човечка и христијанска обврска. Кој е богат може да одвои еден процент, би рекол и лично секој од нас, не само државата, за да се ублажи бедата во таа земја“, апелираше Милер до граѓаните, политичарите и до бизнисмените

„Секоја донација може да помогне за да се подобри хуманитарната состојба“, вели Бербел Дикман. Со оглед на слабата безбедносна ситуација и големите уништувања, обновата на регионот очигледно не е во фокус. „Во овој момент можеме да пружиме основна хуманитарна помош“, вели Дикман додавајќи дека не треба да се имаат илузии. „Станува збор за снабдување со основни потреби.“ Таа нагласува оти долгорочно само политичко решение би можело да ја подобри состојбата во која таму се наоѓаат луѓето. Но тоа не е на повидок ни четири години по избувнувањето на сириската граѓанска војна. А зимата е пред врата.