1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на Полска од „руската мечка“

Маркус Литике / Елизабета М. Фиданоска5 март 2014

Во внатрешнополитичкиот конфликт во Украина соседот Полска во минатото преземаше улога на посредник. Може ли Полска и во кризата со Русија да придонесе за приближување?

https://p.dw.com/p/1BJRO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Зборовите на полскиот премиер Доналд Туск (на насловната фотографија) со кои тој на викендот ја опиша состојбата во Украина беа драматични: „Овој конфликт ги има сите знаци на конфликт кој може да предизвика војна која би ги погодила сите земји во светот“, предупреди премиерот во неделата (2.03) во Варшава. Последиците би биле големи, а за Полска тоа би било „прашање да се биде или не“, оцени Туск.

Ретко која друга земја членка на ЕУ е поблиску до конфликтот меѓу Русија и Украина од Полска. Оваа близина се должи, меѓу другото, и на географската положба. Полска има граница со двете земји - на север кон руската ексклава Калининград, на југоисток - граница со Украина, долга повеќе од 500 километри.

Истовремено, има сличности меѓу полската и украинската историја. Двете земји во минатото беа топки за игра на меѓународната политика и постојано се наоѓаа меѓу Русија и Западот. Границите на двете држави постојано беа наново дефинирани, цели етнички групи мораа принудно да ги напуштат државните територии.

Полско посредство

Полска имаше улога на посредник меѓу Виктор Јушченко и Виктор Јанукович уште за време на „Портокаловата револуција“, пред околу 10 години. Тогаш посредуваше за повторување на манипулираните претседателски избори. Тогашниот полски претседател Александер Квашњевски заедно со литванскиот претседател Валдас Адамкус водеше многу разговори во Киев и на тој начин придонесе за деескалација на тензиите.

Kiew Treffen Janukowitsch EU-Außenminister
Со посредство на тројката ЕУ-министри беше постигнат компромис кој траеше само неколку часаФотографија: picture-alliance/dpa

И во текот на последните посреднички напори, по пукотниците на Мајдан и пред соборувањето на Јанукович, Полска заедно со Германија и Франција беше во улога на посредник. Сепак, планот кој беше постигнат со посредство на Франк-Валтер Штајнмајер, Лорен Фабиус и Радослав Шикорски, траеше кратко, со оглед на тоа што само неколку часа по навидум постигнатиот компромис, Јанукович беше соборен од власт и замина за Русија.

Внатрешнополитички притисок

Отфрид Насауер, раководител на берлинскиот Информативен центар за трансатлантска безбедност, смета дека Полска е само до некаде погодна за посредник меѓу Украина и Русија. „Полска може да има продуктивна улога кога заедно со Франција и Германија ја претставува разноликоста на ставовите во ЕУ, но слободата за исклучително рационално политичко посредство е во Полска внатрешнополитички ограничена“, нагласува Насауер во разговор за Дојче веле. „Во безбедносната сфера Полска е традиционално многу силно ориентирана кон САД“, нагласува Насауер. „Полска се обидува постојано да ги нагласи своите особени односи со Вашингтон.“ Со тоа, внатрешнополитички се зазема и став контра Русија. Во земјата постои латентно стравување дека „руската мечка би можела повторно да добие на сила“.

Marcin Zaborowski, Direktor des Polish Institute for International Affairs, PISM
Марчин ЗаборовскиФотографија: PISM

Марчин Заборовски, директор на полскиот Институт за меѓународни односи, во разговор за ДВ сепак нагласува дека Полска во рамки на ЕУ често се залага за руските интереси. „Полска досега, на пример, секогаш се залагаше за визна либерализација за руските државјани кои сакаат да патуваат во ЕУ“, нагласува Заборовски.

Но, ваквата поддршка наскоро може да заврши. Заборовски става јасно до знаење дека полската влада би морала да реагира на „руски акт на агресија без причина врз нашиот директен сосед Украина“. „Ние тоа го третираме како прекршување на меѓународното право“, вели Заборовски.

Полскиот политиколог ја повикува меѓународната заедница да не посматра без притоа да преземе мерки: „Путин ќе оди сѐ дотаму до каде што тоа ќе му се дозволи. Ако нема јасен одговор на економски, политчки и дипломатски план, претпоставуваме дека преземањето на Крим нема да биде последниот чекор.“