И бездомниците застанаа во ред за попис
3 март 2021Стотина бездомници од Прифатниот центар во Визбегово денеска се попишаа во рамките на првата фаза од статистичката операција којашто започна на 1 март, а ќе трае две недели.
„Пописот претставува многу важна, најмасовна и сеопфатна статистичка операција, која што е од особено значење за нас како држава, но и како Влада и Министерство за труд и социјална политика, затоа што врз основа на податоците добиени од него ќе се креираат политики, кои ќе ги адресираат барањата и потребите на граѓаните“, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Согласно податоците добиени од пописот за старосната структура на населението, ќе се креираат политиките за изградба на старски домови, градинки, за стапката на невработеност, согласно која ќе се креираат мерки и политики за нивно активно вклучување на пазарот на труд, но и за лицата од ранливите категории.
Во понеделникот почна попишувањето на затворениците и притворените лица во земјавата, дијаспората, вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, како и припадниците на армијата во странските мисии.
Директорот на Државниот заводот за статистика (ДСЗ), Апостол Симовски вели дека досега околу 18 илјади лица се пријавиле на апликацијата за самопопишување. Тој тврди дека системот е безбеден, иако и понатаму и дијаспората се жалат на проблеми при регистрацијата. Програмерите, пак, укажуваат на пропусти во системот.
-повеќе на темата: Османи поддржува графа за македонските Бугари на пописот
„Процесот на попишување на дијаспората не може да биде нарушен со попишување на лица од територијата на земјава, бидејќи системот и компарацијата на податоците со дата базите тоа ќе го откријат и поништат“, порача вчера премиерот Зоран Заев.
Првата фаза од пописот се спроведува еден месец пред да започне Пописот на населението, домаќинствата и становите , кој ќе се спроведе по 19 години во С.Македонија. Статистичката операција ќе се спроведе на терен од 1 до 21 април.