1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стоп за азилантите од Балканот

ЕМФ/дв14 март 2014

Германската влада сака да го ограничи доселувањето на баратели на азил од земјите од Балканот и да ја забрза постапката за азил. Министерството за внатрешни работи подготви соодветен предлог закон.

https://p.dw.com/p/1BPdS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според плановите на Министерството за внатрешни работи, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија во иднина ќе бидат означени како „безбедни држави“. На тој начин се подобрува можноста за „побрза обработка на барањата за азил на лицата од овие држави кои немаат изгледи за успех, а со тоа и за кратење на престојот на овие лица во Германија“, цитира весникот „Рур Нахрихтен“ делови од предлог законот. Со тоа треба значително да се скрати и „времето на примање социјални услуги во Германија“, што пак значи дека се редуцира поттикот за поднесување барање за азил од економски причини.

Скратени рокови за жалба

Новиот закон би требало да им даде основа на властите за отфрлање на барањата за азил од Балканските земји како неосновани. При отфрлање на барањето за азил, рокот за протерување од Германија би требало да биде скратен на една недела, а толку би требало да изнесува и рокот за жалба.

Сојузниот уред за миграција и бегалци во текот на изминатата година регистрирал 22.495 барања за азил од граѓани од земјите на Балканот. Минатата недела Министерството за внатрешни работи ги објави вкупните бројки за баратели на азил во текот на претходниот месец. Констатирано е дека во февруари годинава имало 11.220 барања за азил или цели 69,1% повеќе барања отколку во февруари минатата година. Сепак, во споредба со јануари годинава, бројот е благо намален. Имено во јануари 2014 година се регистрирани 14.463 барања за азил. Најголемиот број баратели на азил доаѓаат од Сирија (1867), а следуваат Србија (1305), Албанија (833), Авганистан (796) и Македонија (661).