1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скепса во стопанството за климатскиот договор

И. Вреде/З. Јордановски16 декември 2015

По првичната еуфорија, се множат критички гласови за парискиот договор за климата. Стопанството е посебно загрижено од можно загрозување на конкурентноста, иако токму Германија нуди многу еколошки поволни технологии.

https://p.dw.com/p/1HO0K
Фотографија: picture-alliance/dpa

Отрезнување ја потиснува еуфоријата предизвикана од успешниот крај на конференцијата за климата. Се изнесуваат задршки во однос на тоа дали навистина резултатот од конференцијата ќе доведе до посакуваното ограничување на глобалното затоплување, се наметнува прашањето како договорот од Париз ќе влијае врз претријатијата?

„Две брзини при заштитата на климата“

„Со договорот светот ќе вози со две брзини при заштитата на климата“, критикува Уц Тилман, главен извршен директор на Здружението на хемиската индустрија. Во ЕУ веќе има строги правила за заштита на климата и најамбициозни цели. Навистина и остатокот од светот сака да ја штити климата, но го прави само она, што му е економски прифатливо, вели Тилман. Тоа веќе сега е значителен хендикеп за европската индустрија во меѓународната конкуренција. Тилман смета дека договорот не нуди основа за Германија и ЕУ натамошно да ги заострат целите и мерките за заштита на климата и бара земјите надвор од Европа да ја стигнат неа во намалувањето на ЦО2 (јаглероден диоксид).

Во Здружението на хемиската индустрија сметаат дека ЕУ мора да се зафати со реформа на трговијата со права на издувни гасови и таму да вгради ефикасна заштита од повлекување на продукцијата од Европа од страна на претпријатијата и преместување во региони во кои има помалку строги еколошки услови и каде не мораат да се купуваат сертификати за емисии на ЦО2.

И Холгер Леш од Сојузното здружение на германската индустрија се согласува дека „договорот од Париз значи оти Германија и Европа и натаму ќе мораат да ја штитат својата индустрија од нееднаквите глобални конкурентски услови“.

Грижи и шанси

Германската машиноградба исто така стравува дека може да биде преголема разликата во темпото кај заштитата на климата меѓу различни региони. Во натамошниот процес треба да се ограничи тој ризик. „За нашата конкурентност потребен ни е амбициозен домашен пазар кој ќе предничи, но брзо мора да следат и други пазари за пласман, како и конкурентски региони“, велат од Здружението на германските производители на машини и постројки. Спроведувањето на климатските цели ќе бара модерни и ефективни постројки и решенија - а такви можат да испорачуваат овдешните претпријатија, вели Матијас Целингер, претставник на здружението.

Frankreich Cop21 Klimagipfel in Paris Klimaabkommen beschlossen
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot

Ерик Швајцер, претседател на Германската индустриска и трговска комора, смета дека е грешка доброволноста на мерките. Досега ниедна друга земја ни делумно не ја следи Германија на патот кон енергетски пресврт, вели тој, но гледа „нови деловни шанси за германските претпријатија“ доколку меѓународната заедница вистински реализира енергетско- и климатски релевантни инвестиции.

Големи шанси гледа и Клаудија Кемпферт од Германскиот институт за економски истражувања. Климатски погодни технологии од индустриските држави можат да бидат продавани во земјите во подем, оти обновливите енергии се евтини како никогаш досега, вели таа за ДВ. Кемпферт смета дека од тоа би профитирале и земјите во подем како Индија и Кина.

Многу пронајдоци за заштита на климата се од Германија

Во светот во периодот од 1995. до 2011. година е речиси петкратно зголемен бројот на пронајдоци во областа на заштитата на климата. Овде порастот е многу поголем отколку во другите технички области, велат од Европскиот завод за патенти.

Во истражуваниот период во Германија се пријавени преку 38 000 патенти за одржливи технологии, Франција е на второ место со 12 345 пронајдоци.

Во Здружението на производители на машини и постројки сметаат дека се одамна неопходни инвестиции во модерно снабдување со енергија, ефикасно производство со малку издувни гасови и поеколошко стопанисување со сметот. По спогодбата од Париз може да се очекува дека сега тоа и ќе биде направено. Се’ повеќе нации „ќе можат да инвестираат во суштинска промена и во технолошки решенија и врз основа на разновидните, но сега конкретизирани финансиски инструменти“, нагласува Наеми Денц од раководството на Здружението.

Меѓународното здружение „Планираме бизнис“, кое опфаќа 500 менаџери, шефови на концерни и инвеститори, договорот го смета за „искра“ која беше потребна за да се создаде пресврт кон „глобално чисто стопанство“. Британскиот претприемач Ричард Брансон изјави дека „претпријатијата се подготвени тоа да стане реалност“. Многу енергетски концерни од областа на јагленот, нафтата и гасот, напротив, напуштањето на користење фосилни извори на енергија, кое сега во Париз беше барем долгорочно договорено, го набљудуваат со голема загриженост.