Статуата на Садам падна пред пет години
9 април 20089 април 2003 година - пред вклучените камери Ирачани и Американци заедно ја уриваат статуата на Садам Хусеин. Околу три недели по почетокот на ирачката војна американските војници се пробија до центарот на Багдад, а режимот на диктаторот ја загуби конечно контролата врз главниот град.
Дека се‘ ќе оди толку бргу беше изненадување за арапските соседни земји. САД триумфираат, иако Вашингтон истовремено предупредува дека војниците и натаму се во опасност. Вице-претседателот, Дик Чејни: „Во Багдад денеска изутрина бевме сведоци на колапс на владеачкото насилство. Улиците се полни со луѓе кои слават. Дури и ако има гнезда на отпор на силите на режимот, се чини дека тие не се веќе ефективни.“
И, Чејни имаше визија за времето по Садам Хусеин - американските сили треба да останат во Ирак само онолку долго колку што е неопходно: „Се надевам дека луѓето во регионот ќе судат за нас по она што во иднина ќе се случува во Ирак. Сакаме да етаблираме што е можно побргу влада во Ирак која ќе биде способна да дејствува, ќе биде репрезентативна и демократска. Нашите трупи треба да се повлечат од Ирак колку што е можно побргу, ние не сме окупаторска сила.“
Дека американските војници треба да се повлечат најбргу што е можно потврдува и Џорџ Буш. Тој се обраќа директно до ирачкиот народ: „Сите народи во вашата земја - Курдите, Шиитите, Сунитите и другите, ќе бидат ослободени од страшните прогони. Кошмарот што Садам Хусеин ви го наметна наскоро ќе заврши. Вие сте добар и талентиран народ, наследници на голема цивилизација која придонесува кон светската култура. Заслужувате нешто подобро од тиранство, корупција и соби за измачување. Заслужувате да живеете како слободни граѓани. И, ги уверувам сите Ирачани - наскоро ќе бидете слободни.“
Денес, пет години подоцна - Садам Хусеин е фатен, осуден и смрт и погубен на крајот на 2006 година. Сепак, во Ирак има мрачна слика. САД и нивните сојузници сеуште имаат трупи во земјата со две струи. Од околу 300 илјади војници во рамки на странските трупи, 250 илјади се Американци. Досега се убиени околу 4 300 војници, а проценките за убиени цивили се движат дури и до десетици илјади. А, најавата на Буш, дека веќе нема да има соби за измачување, по обелоденувањето на скандалот во Абу Граиб, каде што американски војници измачуваат ирачки затвореници, е дефинитивно побиена.