1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старо-нови безбедносни сили за Косово

Фабијан Шмит21 јануари 2009

Косовскиот заштитен корпус е расформиран, а неговата функција треба да ја преземат новите Косовски безбедносни сили. Со ова е исполнета уште една точка од планот на Марти Ахтисари. Белград се противи и на овој чекор.

https://p.dw.com/p/GdKj
Мултиетничност е новата косовска идеологијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Косовските безбедносни сили ќе бидат составени од 2.500 војници, а подоцна ќе им се приклучат уште 800 резервисти. Создавањето на новите воени сили за Белград е исто толку неприфатливо, колку и независноста на Косово. Српскиот претседател Борис Тадиќ, кој во формирањето на Косовските безбедносни сили гледа зацврстување на независноста на младата држава, вчера изјави: „Никогаш нема да прифатиме вакво решение“ и побара нивно распуштање.

Нова ера во мултиетничките односи во Косово

Токму формирањето на Косовските безбедносни сили требаше да претставува расчистување со наследството на ОВК и истовремено отворање на патот кон мултиетничка држава. Затоа за меѓународната заедница, како и за претставниците на српското малцинство, е многу важно новите воени сили да немаат институционален континуитет со штотуку распуштениот Косовски заштитен корпус.

Овој корпус беше формиран кратко по Косовската војна во 1999 година, главно од членови на албанската Ослободителна армија на Косово, односно ОВК. На почетокот нејзина задача беше заштита на цивилите. Но, политичарите и јавноста на Косово во Заштитниот корпус ја гледаа основата за формирање на идната армија на Косово. Така, во Корпусот имаше воени чинови и тој беше лесно вооружен со рачно огнено оружје. За поранешните борци на ОВК носењето оружје имаше сепак огромна симболична вредност.

Затоа за косовските Албанци не е лесно да се збогуваат со Косовскиот заштитен корпус. „Денеска е, всушност, ден на емоции, но и историски ден на кој сите заедно чекавме“, изјави претседателот Фатмир Сејдиу, нагласувајќи дека ова е значаен ден за развојот на Косово.

Главна задача - заштита на цивилите

Kosovo Präsident Fatmir Sejdiu zu Serbien
Ова е значаен ден за Косово, смета претседателот Фатмир СејдиуФотографија: AP

Иако не постои институционален континуитет со Косовскиот заштитен корпус, новите армиски сили, кадровски погледнато, сепак претставуваат негово продолжување. Командант е Сулејман Селими, кој претходно беше командант на Косовскиот заштитен корпус и поранешен борец на УЧК. Неговите нови сили повторно ќе бидат лесно вооружени, исто како и Косовскиот заштитен корпус. Она што е ново тоа е новиот амблем. За разлика од амблемот на Косовскиот заштитен корпус, кој беше сличен на оној на УЧК, симболот на новите Косовски безбедносни сили е заснован на сино-жолтото мултиетничко знаме на Косово. Командантот Селими потенцира: „Како ваш командант, горд сум што можам да и` служам на јавноста во состав на трупите што ќе бидат столб за безбедноста и мирниот амбиент во Косово“.

Косовските безбедносни сили и понатаму ќе бидат под команда на КФОР и ќе работат во рамките на мандатот на ЕУ. Битно е да се нагласи дека, исто како и Косовскиот заштитен корпус, нема да имаат за задача да ги штитат границите или да ја бранат земјата од надворешни закани, туку ќе им бидат посветени, пред се` на цивилите.

Се бараат претставници од сите малцинства

Kosovo Grenze
Безбедноста на цивилите е главен приоритет на новите силиФотографија: RIA Novosti

Косовските безбедносни сили ќе бидат и целосно новоформирани. Дури и во Косовскиот заштитен корпус имаше претставници на малцинствата, меѓу нив и неколку Срби, меѓутоа нивниот број беше скоро незначителен, а и идеологијата на Косовскиот заштитен корпус немаше многу допирни точки со мултиетичност. Од овие причини, голем број припадници на Корпусот нема да бидат примени во Косовските безбедносни сили, туку ќе добијат предвремени пензии. По регрутацијата, новите избраници ќе бидат обучувани од експерти на НАТО и ќе мораат да докажат дека немаат криминално минато. Ќе се примаат, пред се`, лица помлади од 30 години, кои во текот на косовската војна имале по дваесетина години и доаѓаат од различни етнички заедници. Иако, според дефиницијата на НАТО, Косовските безбедносни сили нема да бидат вистинска армија, тие ќе земаат учество во маневрите и операциите на НАТО. Се очекува новите воени сили да бидат подготвени за дејствување кон крајот на 2009 година.