1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стабилно Косово, гаранција за економскиот просперитет на Македонија

23 март 2006

Бучковски за време на престојот во Брисел разговорал со косовскиот колега Агим Чеку, кој исто така беше на средба со европреставници. Шефот на македонската влада прогнозира дека Косово до крајот на годината ќе добие независен статус. Белград реагира, Бучковски не е повикан да го решава ова прашање

https://p.dw.com/p/Adjk
Владо Бучковски
Владо БучковскиФотографија: dpa

Конечното решение за статусот на Косово нема да влијае врз границите во регионот, се согласиле на кусиот неформален разговор во Брисел премиерите на Македонија и Косово. Владо Бучковски и Агим Чеку нагласиле дека стабилноста во регионот и меѓусебната доверба се приоритет во односите и придонесот кон мирот.

„Разговарав телефонски со новиот косовски премиер за нашата натамошната соработка. Ќе продолжиме со изградбата на доверба меѓу Скопје и Приштина и испраќање позитивен сигнал до косовските граѓани, кои според моето мислење до крајот на годинава ќе бидат во фаза на независност. Но се ќе биде надвор од контрола на Македонија. Македонија ќе биде конструктивна„ рече Бучковски и додаде дека за земјата е многу важно Косово да биде стабилно. Според него рамковниот договор може да се примени за заштита на правата на етничките заедници во покраината:

„ Ако Косово биде стабилно за Македонија ќе биде најдобра гаранција дека ќе припаѓа на силен регион потенцијален за странски инвестиции. Иста е пораката и за граѓаните на Црна Гора. Ние ќе ја почитуваме секоја одлука на референдумот во Црна Гора. Можеби тоа не е паметно зџа интегративниот процес на патот кон НАТО и ЕУ, но сеуште во нашиот регион постои процес на дезинтеграција„ рече Бучковски

Изјавата на Бучковски предизвика експресна реакција од Белград. Директорот во српската влада за соработка со медиумите Срѓан Ѓуриќ изјави дека Бучковски не е повикан да го решава прашањето за статусот на Косово и да предлага решение кое никому нема да му донесе ништо добро.

Претходно во Скопје заменик премиерот на Косово Љутви Хазири изјави дека експертски тимови на македонската влада и привремените власти на Косово наскоро ќе разговараат демаркацијата на границата во делот кај Дебалде. Инаку шефот на УНМИК нма Косово Сорен Јесен Петерсен ги повика западните земји да ја игнорираат меѓународната потерница на српските власти против косовскиот премиер Агим Чеку. Шефот на УНМИК нагласил дека мисијата на ОН не ја признава нејзината валидност.