1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српски студенти учат албански

Линдита Арапи / Елизабета М. Фиданоска20 април 2014

Косово и Србија во април минатата година потпишаа договор за нормализација на односите. Граѓаните, независно од политичките договори и одлуки, меѓусебно се приближуваат преку учење на јазикот на другиот.

https://p.dw.com/p/1BkAI
Фотографија: Persida Asllani

По војната на Косово, Србите немаа интерес да учат албански, а исто толку малку и косовските Албанци сакаа да учат српски. Во 2014-та, шест години по прогласувањето на независноста на Косово, се‘ повеќе студенти на универзитетот во Белград имаат интерес да учат албански. Меѓу нив е, на пример, 22-годишниот Дамјан Филиповиќ. Кога пред три години се одлучил да студира албанологија, неговото семејство било изненадено, но не реагирало негативно, раскажува тој. Со глава вртеле пред се‘ неговите пријатели, кои немале разбирање за мотивите кои го натерале да се одлучи да го изучува албанскиот јазик. „Се разбира, тие имаа предрасуди кон Албанците, но многумина денес размислуваат поинаку.“

„Имав голем интерес да научам повеќе за албанскиот народ“, вели Дамјан. „Многумина во мојата земја не ги познаваат Албанците, иако со векови живеат едни до други.“ Тоа доведе до тоа „само мал број луѓе во Србија да знаат да зборуваат албански“.

Се чини дека тоа во меѓувреме е променето и тоа токму со помош на младите студенти. Потврда дава и Персида Аслани од Албанија, која една година е професор гостин кој предава Албанска литература и култура на Катедрата за албанологија на универзитетот во Белград. Таа вели дека бројот на српски студенти кои на универзитетот во Белград сакаат да участ албански годинава е двојно повисок од претходните години. Примени се околу 60 нови студенти.

Знаењето албански е плус при барањето работа

Изразено во бројки тоа не е којзнае колку многу, но не смее да се потцени симболичното значење на ваквата одлука на студентите, зашто овој интерес за јазикот и културата на другиот продонесува за разбирање меѓу Албанците и Србите. Мотивите на студентите се различни, нагласува Аслани. Таа од разговорите со нив знае дека дел од нив сакаат да станат балаканолози. „Други доаѓаат зашто добиле место за студии само на оваа насока. Откако ќе исчезнат првичните сомнежи, забележуваме дека го откриваат јазикот за себе и дека се активни колку и другите.“ Дел од студентите се одлучиле за албански затоа што се надеваат дека тоа ќе им отвори повеќе шанси за работа „При конкурирање за места во локалната или централната администрација, во трговијата или културната сфера, се чини дека албанскиот јазик е предност.“

Serbische Studenten der Albanologie
Персида Аслани со студентите во БелградФотографија: Persida Asllani

Токму овие практични причини ја убедиле и Валентина Бахтијари да студира албански јазик. Таа е пред дипломирање и се надева на работно место како преведувач во Белград. Убедена е дека овој јазик треба да го изучуваат многу повеќе студенти од Србија. „Јазикот овде има особено значење и има конкретни причини зошто на Србија и‘ е потребен албанскиот јази. Прво, ние сме соседи со Косовците. Второ, денешната држава Косово порано беше српска покраина и таму се‘ уште живеат голем број Срби. Сега се буди и туристички интерес за Албанија.“

Косовската војна и последиците за учењето јазици

Како изгледа со интересот за јазикот на другиот на косовска страна? Деканот на Филолошкиот факултет на универзитетот во Приштина, Седат Кучи, нагласува дека раните на Косово од минатото се‘ уште се свежи. За време на војната во 1999 година, Катедрата за југословенска книжевност и јазици на универзитетот во Приштина е укината. Младата генерација косовски Албанци денес воопшто не знае српски, вели Кучи, иако српскиот е еден од официјалните јазици во земјата. Сепак, не се сите мостови урнати. Во рамки на соработката со универзитетот во Белград, постигнато е српски студенти да учат албански во Приштина во текот на летото, во рамки на семинар за јазици и литература. Вакви летни курсеви се одржуваат веќе три години. Персида Аслани смета дека средбите на косовските и српските студенти се особено дорба инвестиција за иднината: „Со здобиените знаења и доживувања од земјата, овие студенти се првиот мост за поцелосна размена и комуникација која не е ограничена само на културно ниво.“

Universität Pristina
Универзитетот во ПриштинаФотографија: Mimoza Cika Kelmendi

Оптимизам во Приштина

И политичкиот дијалог на Приштина и Белград има позитивни последици за универзитетите. Во Приштина полека се буди интересот за српскиот јазик. Деканот на Филолошкиот факултет во Приштина се надева на акредитација за балканологија во зимскиот семестар 2014-та. Во рамките на оваа насока би се изучувал и српскиот јазик и литература. Тој има намера со поголема реклама за овие студии да постигне студентите да го сфатат значењето не само на српскиот, туку и на останатите балкански јазици. „Не само универзитетот, туку младата држава Косово има потреба од луѓе кои ги знаат и зборуваат овие јазици. Косово има потреба од културна размена со соседите, а тука се вбројува и Србија. Младите треба да ги учат овие јазици за да си ја зголемат својата перспектива за работа по дипломирањето.“