1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Српскиот проблем“ или „Од едно направи ниедно“

29 септември 2011

Германските весници денеска (29.09) се занимаваат со проблемите на Косово, посебно во неговиот северен дел, оценувајќи дека конфликтот ескалира.

https://p.dw.com/p/12isA
Фотографија: dpa

Угледниот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, во текстот на Михаел Мартенс под наслов „Од едно направи ниедно“, меѓу другото пишува:

„Границата меѓу двете држави е долга околу 350 километри, но немири има на околу 80 километри од границата, долж кои од двете страни живеат Срби. Тука српско-албанските банди имаа контрола, се‘ додека во текот на летото КФОР не ја презема контролата врз граничните премини. Овие банди не се заинтересирани ни за ред и поредок, ниту за ’спас на српството на Косово’ што често се употребува од српска страна, туку се заинтересирани за поделба на нивните бизниси...Политички се работи за прашањето - кој го контролира северот на Косово - Србија или Косово? Де факто власта ја има Србија. Српскиот претседател Тадиќ има и јасен план за Косово. Тој план е можеби нереален, но е се‘ поголем белег на потезите на Белград, откако од власт беше соборен поранешниот премиер Војислав Коштуница. Коштуница до денес се држи до ставот дека Србија во никој случај не смее да се откаже од Косово и дека ако мора да се одлучи, тогаш е подобро да се откаже од членство во ЕУ. За Тадиќ, пак, приклучувањето кон ЕУ е стратешка цел. Освен тоа, тој призна дека Косово во целина е загубено за Србија, со исклучок на северот каде доминираат Срби. Затоа Белград бара поделба на Косово, и би сакал остатокот на Косово потоа да и‘ се приклучи на Албанија...

Сепак, во моментов ни Вашингтон, ниту ЕУ не сакаат поделба на Косово. Српската елита е се‘ уште во шок по посетата на канцеларката Меркел на Белград. Таа на Тадиќ со голема јасност, на каква што тој очигледно не беше подготвен, му кажа дека е против поделба. Без решение на северот, Србија може да заборави на членство во ЕУ, му рече канцеларката на српскиот претседател. За да се избегне лошиот збор поделба, белградските владини политичари, како министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ, од неодамна зборуваат за ’демаркација на границата’, што не е ништо друго освен друг збор за истата намера.“

„Зидојче Цајтунг“ во коментарот со наслов „Српскиот проблем“ оценува:

„Крајно време е ЕУ да се соочи со проблемот и да го принуди Белград конечно на конструктивна улога во косовскиот конлфикт. Србија не мора веднаш да го признае Косово, но мора да се помири со неговото отцепување. Наместо тоа, Белград бара територијална поделба на Косово. Промените на границите на Балакнот, меѓутоа, можат да ја загрозат стабилноста. Со оглед на провокациите на екстремистите, кои српската влада ги помага со пари и логистика, би било грешка доколку Белград веќе во октомври биде награден со статус на кандидат за ЕУ.“

Со безбедноста на Косово денеска се занимава и австриски „Ди Пресе“, па во текстот со наслов „Косово: Од игра мачка-глушец стана сериозно“, ги пренесува оценките на командантот на КФОР Ерхард Древс:

„Командатот на КФОР Древс не верува во брзо смирување на ситуацијата на северот, каде релативно компактно живеат 60.000 Срби. Тој и неговиот австриски заменик, Јохан Луиф, зборуваат за игра мачка-глушец на косовските Срби со КФОР, на која не сакаат да и‘ се препуштат: ’Се разбира дека можеме да ги расчистиме сите блокади на патиштата, но тие веднаш ќе постават нови’, вели Древс. КФОР мора да дејствува само при актуна закана по безбедноста. Така на војниците, на службениците на ЕУЛЕКС и на цариниците на Косово кои се на служба на спорните гранични премини, во моментов им останува само воздушната линија.“

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска