1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба на министерскиот совет на НАТО: навистина ли се минато разликите во мислењата?

9 декември 2004

Во Брисел денеска се среќаваат министрите за надворешни работи на НАТО. Ветената обука на војници и други припадници на силите за безбедност на Ирак, како и проширувањето на ангажманот на Алијансата во Авганистан се централни теми. Но, ќе стане збор и за состојбите на Балканот.

https://p.dw.com/p/Aczh
Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер и американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел синоќа во Брисел
Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер и американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел синоќа во БриселФотографија: AP

Разликите во мислењата околу војната во Ирак, за кои во НАТО веќе шест месеци се вели дека се минато, можат повторно да избијат, зашто низа земји, меѓу нив и Германија, Франција и Шпанија, не сакаат во никаква форма да учествуваат во планираната мисија за обука во Ирак - дури не сакаат да стават на располагање за тоа ни свои офицери од штабовите на Алијансата. Американците им забележуваат поради тоа, и како и генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер, велат дека се доведува под прашање принципот на солидарност во Сојузот.

Нов спор се заканува и поради Авганистан. Забелешките на Американците таму се однесуваат на наводното бавно напредување на обезбедувањето на мирот надвор од главниот град Кабул со мешаните воено-цивилни тимови за обнова. САД сега нуда два свои тима, но бараат од Европејците и тие исто така да понудат два натамошни тима за обнова.

Во обата случаја – Ирак и Авганистан – Американците притискаат за поголем ангажман. Тие сакаат товарот да го расподелат врз целата Алијанса; досега без некој особен успех, зашто многу европски држави немаат никаков интерес да бидат вовлечени во надворешната политика на претседателот Џорџ Буш. “Знаеме дека некои од клучните решенија што ги донесе претседателот во последните 4 години предизвикаа контроверзи во Европа, посебно решението за Ирак. Но, независно од разликите, сега погледот го вртиме напред” – рече спроти средбата релативно умерениот американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел. Но, тој си заминува од владата, а неговата наследничка Кондолиза Рајс веројатно ќе покаже помалку разбирање за европската чуствителност.

Наспроти ова, далекусежна согласност во НАТО владее во врска со третманот на Украина. Министрите ја откажаа планираната средба со колегата од таа земја зашто не сакаат да ја легитимираат нејзината влада. Но, тука е Русија, со која НАТО има посебен договор за партнерство. Можен е, како и пред неколку дена, нов вербален дуел меѓу Пауел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со меѓусебни префрлувања за мешање во внатрешните работи на Украина заради обезбедување сфери на влијание.

Гинтер Алтенбург, помошник за политички прашања на генералниот секретар на НАТО, најави дека на денешната средба ќе се разговара и за целиот Балкан, при што ќе биде разгледана и “нестабилната политичка ситуација во Србија”. Во НАТО се оценува дека на Косово му се закануваат опасности од дилемата дали во доволна мера ќе бидат реализирани демократските стандарди за да може да започне решавањето на конечниот статус на покраината. Во Алијансата сметаат дека може да дојде и до тензии, па и безредија и насилства, доколку Хашкиот трибунал подигне обвинение против премиерот Рамуш Харадинај. Советот на министрите ќе ја разгледа и ситуацијата во Босна и Херцеговина откако на 2-ри овој месец ЕУ ја презеде од Алијансата воената мисија во таа земја. Македонија на средбата ќе ја претставува шефот на дипломатијата Илинка Митрева.

Новитет во НАТО е синоќешната заедничка вечера на Советот со министрите за надворешни работи на Израел и на шест арапски земји. Цел е да се ревалоризира досегашната соработка во рамките на Средоземноморскиот дијалог, да се подобри имиџот на НАТО во арапскиот свет и таму да се придобијат партнери за одбрана од тероризмот. “Се разбира дека има специфичности и различни ставови, но општо е признанието дека е дојден моментот за Медитеранскиот дијалог да се стави на поцврсти темели” – рече генералниот секретар на НАТО. Јап де Хоп Шефер дури го предлага досега незамисливото: Алијансата да се погрижи за безбедност во појасот на Газа по повлекувањето на Израелците, доколку тие и Палестинците се согласат со тоа.