1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба на лидерската четворка

Катерина Блажевска14 мај 2015

Четворицата лидери заеднички се договориле да седнат на иста маса и да поканат претставници на меѓународната заедница, тврдат партиски извори.

https://p.dw.com/p/1FPhc
Фотографија: MIA

Во Клубот на пратениците денеска во 14 и 30 часот ќе се одржи средба на лидерите на четирите најголеми партии - Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА. Лидерите ќе седнат на заедничка маса заедно со Џес Бејли, амбасадорот на САД и Аиво Орав, шеф на Делегација на ЕУ во Македонија. Ваквиот формат, со присуство на двајцата амбасадори, бил договорен доцна синоќа, откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека нема да присуствува на лидерска средба без присуство на релевантни претставници на меѓународната заедница.

„СДСМ ќе присуствува на лидерска средба со Никола Груевски само со меѓународно посредништво. Повеќе немаме намера директно да разговараме со криминалци, да не снимаат на видео и тоа да го пласираат во јавноста“, рече Заев.

Politischer Dialog in Mazedonien
Фотографија: Amalia Oganjanyan

Домаќини и гости

Сепак, голема конфузија се создаде околу тоа кој ја организира денешната лидерска средба. По првичната информација дека таа е иницирана од претставниците на меѓународната заедница, денеска партиски извори го тврдат спротивното: дека „четворицата лидери заеднички се договориле да седнат на иста маса и да поканат претставници на меѓународната заедница“.

Од амбасадата на САД и од Делегацијата на ЕУ во Скопје, ја потврдуваат ваквата верзија.

„Амбасадорите Бејли и Орав се поканети на средбата во функција на набљудувачи“, идентично потврдија од двете амбасади.

Иако средбата од вчера е најавувана како „компромисно решение за да се отвори дијалог за решавање на политичката криза“, од партиски извори дознаваме дека не е договорена никаква агенда за разговори. Намерата е да се покаже дека се топи мразот, дека сите лидери се залагаат за намалување на тензиите, а за успех се смета и самиот факт што партиската „четворка“ се договорила да седне на иста маса. Со тоа требало да се испрати порака дека сите се подготвени да ја преземат одговорноста за натамошните чекори за излез од кризата.

Mala Recica Tetovo
Фотографија: DW

Неофицијално, доколку оваа средба помине во конструктивна атмосфера, можно е од неа да произлезе документ, во кој ќе бидат нотирани заедничките напори против насилство, за намалување на тензиите и заложбите за евроатлантските перспективи на земјата.

Дипломатска офанзива

Деновиве се шпекулираше за повеќе обиди да се организира средба меѓу партиските лидери. Наводно, пред неколку дена била разгледувана опцијата Заев и Груевски да се сретнат во Брисел со посредство на европската парламентарна тројка, Кукан- Ховит- Вајгл и претставник на Европската Комисија, но таа отпаднала бидејќи на Заев му е одземен пасошот и не може да патува надвор од земјата. Отпаднала и варијантата лидерска средба да закаже претседателот Ѓорге Иванов, бидејќи ДУИ не го признава претседателот и во таков случај, слично како и на седницата на Советот за безбедност, наместо лидерот Ахмети, на средбата партијата би била претставена од пониско кадровско ниво.

Menduh Taci Politiker Mazedonien
Фотографија: DW

Суштинските разговори за излез од кризата допрва претстојат. Засега е неизвесно кој ќе ги организира и дали во нив ќе има повисоко посредништво од ЕУ. Денеска во посета на Скопје

е специјалниот претставник на германското Министерството за надворешни работи за Југоисточна Европа, д-р Ернст Рајхел, кој ќе има серија разговори со претставници од државниот врв и опозицијата. Во наредните денови, според диломатски извори, се очекува засилена дипломатска офанзива, „во насока на скицирање на можните решенија за излез од кризата“, но „во оваа фаза“ не сакаат да зборуваат за предлог-модалитетите.

Тоа прашање засега нема одговор ни во домашната јавност. На новинарско прашање дали СДСМ ќе прифати Влада на широка коалиција, а претседател на таа Влада да биде Никола Груевски, Заев вчера одговори негативно.

„Ние го спомнуваме терминот преодна Влада, за да оставиме простор заедно сите чинители во општеството го најдат механизмот како таа преодна Влада ќе ја подготви Македонија за фер, демократски и регуларни избори. Значи, таа може да биде политичка преку широки коалиции, може да биде експертска, може да биде технократска од самата администрација. Доколку се отвори опцијата за политичка, тогаш луѓе инволвирани во криминали со сите овие докази, вклучително и Никола Груевски, не може да партиципираат во таа Влада“, рече Заев.