Србија ќе ги заврши преговорите со ЕУ за 6 години?
2 јануари 2014Според шефицата на српскиот преговарачки тим Тања Мишчевиќ, „за четири години може технички да се завршат преговорите, а потоа остануваат две години за ратификација на договорот“. „Според мое мислење, тоа не е преамбициозно“, рече Мишчевиќ во интервју за неделникот НИН.
Според нејзе, ниту едно поглавје нема да биде политички толку деликатно како што се тоа поглавјата 23, 24 и 35, односно владеење на правото и нормализација на односите со Приштина. Таа додаде дека „засега никој не знае“ што конкретно ќе содржи поглавјето 35 и оцени дека во текот на преговорите со ЕУ нема да се поставува прашањето на членство на Косово во ЕУ.
„Станува збор за две посебни, различни меѓународни организации. Секоја меѓународна организација ги дефинира своите правила за влез и за членство. Членството на Косово во ОН не зависи од Србија, туку Советот за безбедност е тој којшто ја прима која било држава во членство“, вели Мишчевиќ.
По повод најавите дека на почетокот на јануари ќе стапи во сила механизмот за суспензија на визната либерализација, кој се однесува и на Србија, Мишчевиќ во интервјуто нагласува дека тоа ќе се случи на 9 јануари, но дека „засега никој не покренал ниту една иницијатива за негова примена за која било држава од Западен Балкан“.