1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Србија уште не ги исполнува условите за влез во ЕУ“

Немања Рујевиќ/ Ж.А.4 јуни 2015

Од помош е ако конструктивниот став на Вучиќ за Косово не е постојано попречуван со истапи на српскиот претседател, вели во интервју за ДВ Гунтер Крихбаум од ЦДУ кој во Бундестагот ја води Комисијата за европски прашања.

https://p.dw.com/p/1FbmF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: Српските медиуми многу пишуваат за претстојната посета на канцеларката Ангела Меркел во Белград и Приштина. Дали таа во Белград ќе донесе конкретен датум за почеток на преговори на ЕУ и Србија за одделни поглавја?

Крихбаум: Не се работи за носење датум за преговори, туку дека претходно треба да се исполнат сите услови, што до денеска не се случи. Треба да се води сметка да не се создава лажен впечаток. Веќе е сигурно оти сакаме да почнеме преговори за поглавјата 23, 24, односно 35, значи оние во врска со правната држава и оние во кои се содржани добрососедските односи каде во фокусот е Косово. Но, тука има уште работа. Во врска со поглавјата 23 и 24 се доставени акциони планови кои ги разгледува ЕК. Од досегашното искуство-тие можат повеќепати да бидат вратени на доработка ако Комисијата оцени дека не се доволно добри. Кај поглавјето 35 исто така има отворени точки, но сум оптимист, зашто многу работи, како во телекомуникациите и енергетиката се движат во добар правец. Но, останува слободата на движење на мостот на Митровица или статусот на Заедницата на српски општини, тука ни одблиску не е според она што Комисијата го бараше. Значи, во рацете на Србија е кога ќе почнат преговорите. Тие ќе почнат кога ќе бидат испорачани резултати и исполнети условите.

Но, работата лежи во рацете на Приштина, посебно околу Заедницата на српски општини. Политичарите често имаат впечаток оти Србија е казнета за инертноста на косовската влада.

Таа слика, во најмала рака, не е целосна. Зашто, се работии за објавување на токовите на парите, транспарентноста на финансиите, а тука се прашува Србија. Не е од помош ни реториката на српскиот претседател кој тврди оти Косово е и останува интегрален дел од Србија. Тоа не придонесува кон преговарачкиот процес.

Дали премиерот Вучиќ е „ученик за пример за Европа“, како што често го нарекуваат германските медиуми?

Мора секако да се препознае дека целта на премиерот Вучиќ е да ја воведе Србија во ЕУ. Тој активно работи на тоа. Би помогнало ако тој конструктивен пат не би бил постојано попречуван од српскиот претседател. Напорот на Вучиќ треба да биде поддржан и верувам затоа доби толкава поддршка на изборите. Тоа треба да ја охрабри српската влада натаму да чекори кон Европа. Потребни се уште многу реформи, но оние кои се веќе спроведени не се услуга за Париз, Брисел или Берлин, туку се за добробит на сопственото население и првенствено младите генерации. Зашто, тие ја сакаат Србија во средиштето на Европа, со сите шанси и перспективи кои ги отвора ЕУ.

Сепак, на внатрешен план владата на Вучиќ е се‘ повеќе авторитарна, практично не постои слобода на печатот, опозицијата секојдневно е прогонувана...Дали тоа воопшто се регистрира во Берлин или Вучиќ ужива некој вид бонус поради соработката во поглед на Косово?

Gunther Krichbaum
Гунтер КрихбаумФотографија: www.gunther-krichbaum.de

Не мислам оти се работи за бонус поради Косово. Во врска со слободата на печатот, секако ги следиме извештаите на невладините организации, Транспаренски интернешнл, Репортери без граници. Токму последнава во најновиот извештај регистрира напредоци во слободата на печатот. Нема сомнеж, таа е неопходна, без неа нема слобода на мислење, а без тоа ни демократија. Кој сака да влезе во ЕУ, мора на тој план да демонстрира европски принципи.

Порано рековте оти Србија пред да влезе во ЕУ мора да го признае независно Косово, поради што некои српски аналитичари Ве нарекоа уценувач. Останувате ли при тој став?

Во прашање беше споредбата со Кипар. Во однос на независноста на Косово, и сам знам оти се работи за долгорочен процес на нормализација. Мораме да се сетиме дека и во Германија долго траеше додека граѓаните не го прифатија губењето на источниот дел на земјата. Знам дека и во Србија тоа нема да се случи преку ноќ. Но, сегашната реалност мора да се прифати, имено Косово го признаа досега над сто светски држави, но еден дел од ЕУ-не, што го примаме на знаење. Овде во ЕУ можеме да живееме во мир и слобода само ако прифатиме земји кои не увезуваат конфликти. Затоа и реков дека во ЕУ не смее да има втор Кипар.

Канцеларката треба да ги посети и Косово, Албанија, БиХ. Дали е тоа офанзива на шарм на Балкан, со оглед на обидите на Русија да го засили своето влијание во регионот? Не се работи само за Србија, многумина настаните во Македонија и Република Српска ги поврзуваат со борба меѓу Запад и Исток.

Прво, нормално е канцеларката да посетува редовно европски партнери, земји во рамки на ЕУ или надвор од неа. Мислам дека е тоа добар знак за разбирање меѓу народите и меѓународните врски кои ги негува Германија. Во врска со руското влијание: мислам дека секоја земја треба да реши сама што сака и да согледа кој и‘ нуди подобри перспективи. Се разбира, тоа не мора да биде одлука ’или-или’, може да постои и едно ’и’. Но, вредностите кои ги застапуваме ние во ЕУ се видно поинакви од оние кои ги застапува Русија и власта на господин Путин. Тоа можеме да го видиме во Украина и противправното анектирање на Крим. Токму Русија го подрива договорот од Минск за прекин на огнот, што е неприфатливо.

Споменавте перспективи кои ги нуди Европа. Администрацијата на Јункер од почеток исклучи можност за проширување на ЕУ во наредите пет години.

Тоа го гледам поинаку од Вас, зашто реално гледано, во наредните пет години нема да има пристапување кон ЕУ. Ниедна земја кандидат нема да биде спремна до 2019 година, тоа важи за сите држави со кои сега водиме преговори. Во тие земји фокусот треба да биде да се влезе добро подготвен во ЕУ. Зашто, нема да потече мед и млеко оној момент кога некој ќе влезе во ЕУ, зашто земјата таму ќе биде изложена на притисокот на пазарната конкуренција и затоа има многу поголем смисол кон Унијата да пристапат навистина подготвени земји.