1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија најавува повлекување на тужбите против НАТО

28 јули 2004

Министерот за надворешни работи на СиЦГ Вук Драшковиќ на советот на министри ќе му предложи да се повлечат тужбите против поедини земји членки на НАТО за бомбардирањето на Југославија во 1999 година. Ваквиот став на Драшковиќ, предизвика различни реакции во заедницата.

https://p.dw.com/p/Ad89
Седиштето на НАТО во Брисел
Седиштето на НАТО во БриселФотографија: NATO

Пратеничката група на Српската радикална партија во Парламентот поднесе предлог резолуција, со која на сите државни органи и нивните прставници во Собранието и Советот на министри би им се забранило да учествуваат или донесат одлука за повлекување на тужбите против НАТО од страна на СиЦГ. За повлекување на тужбите е против и Социјалистичката партија на Србија, додека партиите од владејачката коалиција сеуште се немаат изнесено по овој предлог. Воено политичкиот коментатор, Александар Радиќ вели дека повлекувањето на тужбите на некој начин е неминовен

“Бидејќи условите за влез во партнерството за мир и генерално за нормализирање на односите со западната цивилизација се јасни. Еден од нив е и повлекувањето на овие тужби и мислам дека Драшковиќ во овој момент е само во состојба да обновува само една стара тема. Во Србија постои мислење дека подрагоцено би било да се добијат финансии на име отштета но мислам дека шансите за тоа се малку реални“

На овој дипломатски потег на добра волја според Радиќ, мора да следуваат соодветни и од страна на другите држави кои учествуваа во граѓанската војна, односно нивно одрекување од тужби против СиЦГ. На исто мислење е и претседателот на Србија Борис Тадиќ според кого од тужбите треба да се откажат сите, и СиЦГ против НАТО, но и Хрватска и БиХ против СиЦГ. НАТО веќе се изјасни дека решението на овој проблем е во земјите од Балканот.

“Тоа ќе биде добар тест за способностите на СиЦГ -та дипломатија, мора да се постави јасен услов за да се оствари рамнотежа, бидејќи во спротивно еден проблем што се однесува до НАТО би бил решен, но на подолг временски период состојбите во регионот можат да бидат нарушени доколку Хрватска и БиХ не ги повлечат тужбите“ вели Радиќ

Аналитичарите не прогнозираат којзнае какви промени кај јавното мислење во СиЦГ кое е негативно настроено кон САД и НАТО

“Мислам дека случајот со генералот Ратко Младиќ, е многу поголем предизвик кога е во прашање расположението на јавното мислење и дневно политичкото дејствување на политичките сили во Србија“ смета Радиќ.