1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите на Косово останаа без мобилна телефонија

26 април 2010

По акцијата на надлежните косовски органи, Србите од централно Косово останаа без мобилна телефонска мрежа. Косовските институции сметат дека српските оператори немаат лиценца за работа на Косово. Србите се огорчени.

https://p.dw.com/p/N6pe
Еден од уништените предаватели на српските оператори за мобилна телефонијаФотографија: Zulfija Jakupi

Претставниците на Регулатроната комисија за телекомуникации на Косово во акцијата изведена со поддршка на специјалните единици на косовската полиција, ги онеспособиле и ги исфрлиле од употреба базните станици и антени на српските оператори за мобилна телефонија во централниот дел на Косово. Истовремено прекината е и работата на фиксната телефонија на Телеком на Србија, но и предавателите на регионалната радио- телевизија „Херц“ од Штрпци која емитува програма на српски јазик.

Директорот на Регулаторната агенција Екрем Хоџа изјави дека станува збор за нелегални оператори на Косово и затоа им е прекината работата. Мисијата на ЕУ на Косово- ЕУЛЕКС, не се огласи официјално, додека пак косовската влада го поддржа исклучувањето на предавателите на српските оператори за мобилна телефонија. Во соопштението на владата се истакнува дека тие законски чекори не се насочени против ниту една определена националност или држава туку против сите оние оператори кои не ги почитувале важечките законски норми.

Проблемот да се реши со разговор

Zerstörter Mobilfunksender im Kosovo
Фотографија: Zulfija Jakupi

Меѓутоа косовските Срби се огорчени: „Ова не се случува првпат или ќе имаме или нема да имаме.“ - „Не ни даваат да живееме, не ни даваат да функционираме. До каде ќе оди ова нека каже владата на Косово“, велат некои од нив.

Во новоформираната општина Грачаница се затекнати од исклучувањето на мрежата на српската мобилна телефонија. Претседателот на општината Бојан Стојановиќ вели дека проблемот мора да се реши со разговор: „Мора да им се овозможи на граѓаните да имаат комуникација со остатокот на светот, едноставно да можат да ги остварат своите реални потреби. Не е тоа сега само проблемот со телефоните, туку и со компјутерските системи во училиштата, болниците и останатите установи. Мрежата треба да се пушти и се разбира да се седне на маса и да се најде решение во интерес на сите.“

На северот на Косово антените уништени со експлозив


Откако беше исклучена српската мобилна телефонија, непознати лица подметнаа експлозивни направи пред два предаватели на косовскиот провајдер „Ипко“ на северот на Косово. Владата и претставниците на КФОР ги осудија овие криминални акти.

Во соопштението КФОР наведува оти сфаќаат дека многу корисници на мобилна телефонија се фрустрирани со ненадејниот прекин на работата на српските оператори, но оти се осудува секоја акција која може да ја загрози безбедноста. КФОР истотака ги повика институциите на Косово да применат транспарентен пристап кога преземаат акции кои битно влијаат врз секојдневниот живот на кој било дел од населението на Косово, за да можат граѓаните навреме да се подготват.

Во меѓувреме Поштата на Косово почна во српските краишта да дели бесплатни броеви на косовскиот мобилен оператор „Валја“.

Автор: Зулфија Јакупи/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска