1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите на Косово не се согласуваат со Меркел

21 декември 2011

Србите на Косово не ја прифаќаат изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел со која од Белград се бара укинување на паралелните структури. Тие сметаат дека во таков случај би дошло до бран иселување.

https://p.dw.com/p/13XAV
Косовска МитровицаФотографија: picture alliance/dpa

Петар Милетиќ, заменик претседател на Собранието на Косово и член на Самостојната либерална партија, кога станува збор за паралелните структури, прави сериозна разлика меѓу она што претставува власт и локална самоуправа во однос на она што значи живот на Србите на Косово. Српските општини, според Милетиќ, се покажале како грешка. Тие се „нефункционални, вработените во нив не го работат она за што се платени, внесуваат забуна кај српското население, а луѓето од нив немаат некоја полза“. На тој план Милетиќ се согласува со канцеларката Меркел дека како такви не треба да постојат.

„Но, она што значи живот и што е дел од сеопфатниот предлог за решение на статусот на Косово, а тоа е - постоење училишта, болници, значи здравствена заштита и образование, мислам дека треба да продолжи да постои. Дали тоа може подобро да се уреди? Интерес на сите косовски Срби, па и мој лично, е да имаме што подобро здравство и образование. Не сме задоволни на кој степен се денес, може подобро. Мислам дека тоа треба да се измени. Едноставно, сакам да ја нагласам таа разлика меѓу работите кои се животни во однос на оние што се политички.“

Укинувањето значи помош за етничко чистење на Косово

Звонко Михајловиќ, претседател на српската општина Штрпце, која е финансирана од Белград, смета дека „тоа е уште еден вид притисок врз преостанатите Срби кои живеат на Косово за чистење на тој простор од Србите“. Тој нагласува дека „помошта од Белград е единствена гаранција за опстанок“.

Angela Merkel Plakat Kosovo
Плакат по повод доаѓањето на Ангела Меркел на КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

„Повеќе од изјавата на Ангела Меркел мене ме загрижува каков став и каква позиција ќе има нашата влада по тоа прашање. Доколку под притисок на Западот, во овој случај Германија, а заради приближување кон таа некаква имагинарна цел за влез во ЕУ, нашата влада попушти и ги укине паралелните структури, тоа автоматски ќе означи помош за таканаречената влада на Косово за етнички да го исчисти Косово.“

Ненад Зејак, добар познавач на косовските прилики и долгогодишен новинар од Косово, оценува дека изјавата на германската канцеларка претставува „најава за целосно повлекување на државата Србија од Косово“.

„На тој начин се стекнува впечаток дека Ангела Меркел се обидува да заокружи нешто што се вика косовска независност, односно создавање на држава Косово. Се плашам дека, ако ништо друго и ако се суди врз основа на ставовите на тие луѓе што живеат на северот на Косово, тоа е само уште една иницијална каписла која во голем дел ќе создаде уште поголем ѕид меѓу Србите и косовските институции.“

Автор: Рефки Алија / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска