1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите во четири ѕида чекаат да мине еуфоријата

Александра Славниќ/бг5 август 2015

Две децении откако во Бањалука излегоа од бегалската колона, дел од семејството Јокиќ се вратија во Хрватска, а другите се закотвија во новата татковина. Со себе донесоа и дел од родниот крај- далматинско вино

https://p.dw.com/p/1GA6I
Фотографија: Getty Images/AFP

Домашното вино по традиционална семејна рецептура, Милан денес го произведува во Бањалука. Тоа што е стотици километри оддалечен од местото каде неговите предци со векови одгледувале винова лоза и правеле врвни вина, не го спречува да продолжи по нивните чекори.
Животниот пат, поточно војната, го довела тука. Неговите родители во Бањалука ја напуштиле бегалската колона по операцијата „Бура“ иако тука немале никој: „На шега велиме дека сме останале без гориво па не сме можеле натаму“, вели Милан Јокиќ, кој во 1995. имал 19 години. Бегалската приказна на Јокиќ е долга и комплексна, но Милан вели дека таа има среќен крај: „Сите сме живи и здрави, тоа е најважно. Од потесното семејство никој не страдал, а сето останато е помалку важно“.

„Привремено“ бегство

Неговото семејство е по потекло од околината на Бенковац, но војната ги затекнала во Ријека каде родителите на Милан добиле работа и основале семејство. На почетокот на 90. кризата и пропаста на фирмата во која работеле, ги натерала да се вратат кај роднините од економски причини бидејќи насело полесно се преживувало. „Мислевме дека е тоа само привремено, додека не застанеме на нозе. Но, војната беснееше, а ние престојот во Краина го продолживме на три години. Станот во Ријека го изгубивме“, вели Милан.
Признава дека во тој момент, како тинејџер, не ги сфаќал толку сериозно војната и бегалството. „Денес тоа потешко би го поднел. Моите родители најдобро знаат како им било. Во бегалската колона се нашле не знаејќи што ги чека. Кажано им е дека одат на ден или два за да се заштитат. Ништо не понеле, баш ништо. Со денови одевме во непознато и потоа се затекнавме во град во кој немаме никој, и никого не познаваме“.
Нештата сепак излегле добро. Многу брзо дошле до сместување, а потоа и до сопствен кров над глава. Материјалот за куќата го добиле речиси бесплатно, пријатели, познаници од странство испраќале пари кој колку можел, нешто и самите стекнале и никнал новиот дом на семејството Јокиќ.
„Кога конечно се скрасија тука, моите родители одлучија да се вратат во Хрватска. Пред десет години остварија станарско право, иако беа многу оштетени. Наместо нашиот стан во центарот на Ријека со површина од 118 метри квадратни, денес живеат на периферијата во двојно помал стан“.

Kroatien Offensive Krajina
Бегство на Србите од КраинаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stankovic
Bosnien und Herzegowina Banjaluka Kroatien
Милан ЈокиќФотографија: DW

Нема место за омраза

На нивната бањалучка адреса денес живее Милан со семејството. Незабележливата и со ништо необележана семејна винарија на семејството од рано утро ја посетуваат купувачи. На прашањето, како се одлучил за тој бизнис, тој вели: „Винската култура одсекогаш е во нашето семејство. Но, со оглед на тоа што во бивша Југославија било лесно да се дојде до работа, мојот татко и чичковците ја запоставиле традицијата. Кога дојдоа војната и тешките времиња, човек се враќа кон она што му е во крвта и она што најдобро знае да го работи. Почнавме во 1998 година и оттогаш полека ја шириме понудата“, вели Милан.
Вели дека со задоволство оди во Далмација и во Краина каде има родници. Иако за неговото семејство војната е извор на голема траума, Милан вели дека сето тоа е зад него и дека нема место за омраза во неговиот живот. „Тоа е политика, така гледам на 'Бура' и целата војна. Националистите не успеаја да ме преобразат. Во мојата глава постои само поделба на жртви и злосторници“.
Од роднините и пријателите, додава тој, малкумина се вратиле во Бенковац. На денот кога Хрватска ја слави годишнината од 'Бура', никој од нив не излегува од домот. Остануваат во своите четири ѕида и чекаат да мине еуфоријата. Не сакаат да предизвикуваат внимание. Така е секоја година, како и денеска.