Спорот за името би можел да биде решен за шест месеци
18 февруари 2010Задоволни сме од новите идеи на премиерот Никола Груевски за решавање на грчко-македонскиот спор и веруваме дека тој би можел да биде решен во наредните шест месеци, одговорија на прашањето на Дојче веле во Скопје европратениците Јорго Шацимаркакис и Алојз Петерле. Европратениците по денешните разговори со шефот на македонската влада изјавија дека притисокот врз Македонија и Грција ќе биде синхронизиран, не исклучувајќи и употреба на економски и политички средства. Грешка е што ЕУ досега не се вклучи, но сега има шанса да посредува и да ги поттикнува македонско-грчките разговори, рекоа европратениците.
Известувачот на ЕП за Македонија Зоран Талер уште додаде дека Македонија и Грција се веројатно свесни дека е ова решавачки миг и дека проблемот веќе не билатерален, туку е сериозно регионален. Нема да дозволиме балканизација на Европа, туку ќе продолжиме со европеизација на Балканот, рекоа тројцата на денешната прес-конференција по средбата со Груевски во Скопје. Македонскиот премиер ќе има одвоени средби со Шацимаркакис и Петерле, а европарламентарците попладнево ќе разговараат и со лидерите на СДСМ и ДУИ, барајќи општопартиски и меѓуетнички консензус.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Александра Трајковска