1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со сопки до транспарентност

Матијас фон Хајн/бг2 февруари 2016

Преговорите за договорот за слободна трговија (ТТИП) траат од 2013 година, но на германските парламентарци од неодамна им беше дозволено да ги читаат документите. Тие се достапни во само една соба.

https://p.dw.com/p/1Hmw0
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Во ноември минатата година претставниците на коалицијата „Стоп ТТИП“ се сретнаа пред Бранденбуршката порта со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и му предадоа петиција со речиси 3,3 милиони потписи против договорот. Речиси половината од потписниците беа Германци.
Критиката кон трансатлантскиот договор за трговија и инвестиции го надминува анти-глобализациското движење и веќе се прели и кај традиционално конзервативните групи: повеќе од 2 илјади мали и средни германски претпријатија веќе се приклучија кон иницијативата против ТТИП. Слични иницијативи постојат и во други европски земји, во Англија, на пример.

Големо влијание, голема тајност

Постои една точка во која сите критичари се согласуваат: тие ги обвинуваат преговарачите од обете страни на Атлантикот за тајност. Јавноста знае многу малку за трговското партнерство и има пристап само до одбрани информации. Притоа, ТТИП ќе има огромно влијание врз развојот на националните политики, како што се техничките или социјалните стандарди или даночната политика. Европската Комисија се обидува да одговори на масовните критики преку ПР кампањи. Како и секогаш, се тврди дека преговорите за ТТИП се максимално транспарентни.

Последниот чекор кон поголема транспарентност во конфузниот маратон на преговори е отворањето на собата за читање во просториите на германското министерство за економија. Од понеделникот, 1 февруари, три групи луѓе ќе имаат можност да ги видат документите: членови на германската влада, членови на горниот дом на германскиот парламент (Бундесрат) и членови на долниот дом (Бундестаг). Конечно, токму тие и ќе треба да гласаат за договорот.
Но условите се обременети со неверојатна недоверба во претставниците на народот и стриктни правила: пратениците не можат да влегуваат со мобилни телефони, лаптопи или други електронски уреди во просторијата. Документите можат да ги читаат само под надзор. Парламентарците можат да запишуваат белешки, но не смеат да ги копираат документите.
Пратеничката од Партијата на Зелените, Катерине Дроге, наведува уште едно ограничување. „Ние сме принудени да потпишеме дека се обврзуваме на целосна тајност за содржината на документите“, вели таа. Доколку некој ја открие содржината на документите, се соочува со затворска казна.

Deutschland TTIP Leseraum für Abgeordnete
Собата за „читање“ на Договорот ТТИПФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Мал интерес за информации

На презентацијата на собата за читање во петокот, германскиот министер за економија Зигмар Габриел призна дека посакувал поотворен пристап до документите. Но, Европската Комисија и САД не го дозволувале тоа. Габриел говореше за добар, прв чекор кон транспарентност, но секако не и последен.
Габриел секако знае за што зборува: откако Партијата на Зелените постави прашање во парламентот во 2014 година, владата мораше да признае дека нема информации за преговарачките документи. Дури во мај 2015 година беше отворена соба за вработени во владата- но во просториите на американската амбасада во Берлин, и под истите услови како и сега во министерството.
Според Катерине Дроге, ни таа не била користена многу често. Собата за читање во амбасадата на САД ја посетиле само 37 лица, а само еднаш министер во германската влада.