Со воздушни напади и обучени бунтовници против ИД
27 септември 2014И денеска (27.09) информации за нападите доаѓаат од сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, која има голема мрежа информанти на лице место. Очевидците само во регионот на Рака изброиле повеќе од 30 тешки експлозии. Во Рака, според претпоставките, се наоѓа раководната централа на терористичките милиции. При нападите биле гаѓани позиции на Исламска држава (ИД), а погоден бил и камп за тренинг. Бомбардирана била и командата на ИД во провинцијата Алепо.
Од раните утрински часови денеска Сиријци преку Твитер известуваат за целите кои ги гаѓа меѓународната коалиција во борбата против ИД. Притоа, се вели дека цел на нападите се повторно нафтени полиња. Сепак, објективноста на содржината на твитовите не може да се провери. Терористичката милиција се финансира од трговија на црно со сурова нафта и деривати. Затоа, во текот на вчерашниот ден беа нападнати рафинерии во источната провинција Деир-ел-Сур. Тие воздушни напади беа реализирани со борбени авиони на Саудиска Арабија и на Обединетите Арапски Емирати.
Сириската Опсерваторија за човекови права тврди дека на меѓународната коалиција и‘ успеало да му нанесе удар на раководството на џихадистите и тоа во Сагир Јасира, на прв поглед мало село во Деир-ал-Сур. Меѓутоа во ова место, како што се трвди, се наоѓа еден од главните штабови на ИД. Кога важен раководител на екстремистите во текот на вчерашниот ден се обидел од селото да побегне на мотоцикл со еден придружник, тој бил гаѓан од воздух од борбен авион на меѓународната коалиција. Двајцата екстремисти се мртви, тврди Опсерваторијата со седиште во Лондон.
САД сакаат да обучат 15.000 бунтовници
Шефот на американскиот Генералштаб, Мартин Демпси, на прес-конференција во Пентагон не сакаше да даде информации за убиените раководители на ИД и на други терористички групи. Меѓутоа, тој најави дека првите американски тимови за обука на умерените сириски бунтовници се веќе пристигнати во Саудиска Арабија. За екстремистите на ИД да бидат потиснати од нивните центри на северот и истокот на Сирија неопходен е ангажман на 12 до 15 илјади опозициски борци, изјави Демпси во Вашингтон. Програмата за обука ќе трае со години. Во првата година Американците би требало да обучат околу 500 бунтовници.