1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состанокот ЕУ-Западен Балкан во организација на Грција само формалност

СН/жа/муа4 мај 2014

Атина го организира самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун само колку да покаже дека нешто прави во однос на проширувањето на Унијата и од состанокот не треба да се очекува ништо конкретно, пишува весникот „Катимерини“ .

https://p.dw.com/p/1Btd1
Фотографија: AP

Провладиниот весник „Катимерини“ , како што јавува македонската новинска агенција МИА , објавува текст за министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 8 мај во Солун, во кој, повикувајќи се на дипломатски извор, пишува дека грчкото претседателство со ЕУ го организира настанот со цел „засегнатите соседи да не добијат погрешен впечаток“ дека Атина не прави ништо во врска со Солунската агенда. На 20 јули 2003 година во Солун се одржа самит на Унијата на кој беше донесен документ со кој беа дадени јасни гаранции за сигурна европска иднина на сите земји од Западен Балкан откако ќе ги исполнат потребните критериуми – Солунска агенда.

„Катимерини“ пишува дека од тогаш во ЕУ влегоа Бугарија, Романија, Хрватска и Словенија, со што е исполнет дел од Агендата и оти Атина била оптимист дека до следното нејзино претседателство ќе биде постигната поголема цел, односно интеграција на балканските земји во европските структури.

„Но тоа не се случи и идејата во рамките на грчкото претседателство да се одржи нов самит на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ’Солун 2’ на кој ќе бидат одредени конкретни датуми за завршување на интеграцијата на другите земји беше напуштена предвреме“, пишува весникот и додадва дека Атина го организира министерскиот состанок само за да покаже дека прави нешто.

„Европа е на голема крстосница, не знае што носи следното утро, и последното нешто со кое се занимава се Македонија или Албанија“, изјавил за „Катимерини“ дипломатски извор „тесно поврзан со проширувањето, кој додал дека „Балканот престана да биде од најголема стратешка важност за Западот“ и оти „тоа кажува многу“.

Според провладиниот весник, на состанокот во Солун не се очекува присуство на највисоки дипломати. На средбата нема да дојдат министрите за надворешни работи на Германија, Франција, ниту на Британија. „Најголемо име“ до шефот на грчката дипломатија ќе биде италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини и нивните колеги од Бугарија и Романија.

„Од Западен Балкан ќе дојдат сите, почнувајќи со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, додека остатокот од ЕУ ќе биде претставен на ниво на заменици министри“, открива „Катимерини“.