Сопругата на Ел Чапо уапсена во САД
23 февруари 2021Сопругата на мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман, наречен Ел Чапо, синоќа е уапсена на меѓународниот аеродром во Вашингтон поради сомнеж дека е вмешана во мрежа на растурање дрога, јавија американските власти.
Ема Коронел Аиспуро (31), која има американско и мексиканско државјанство треба денеска да излезе пред сојузен судија. Таа е обвинета дека учествувала во дистрибуција на кокаин, метамфетамин, хероин и марихуана.
Доживотен затвор плус 30 години
Нејзиниот сопруг, кој цели 25 години беше на чело на картелот Синалоа и порано беше сметан за најмоќен нарко дилер на светот, е осуден во јули 2019 година на казна доживотен затвор плус 30 години во САД.
Повеќе:
-Ел Чапо е само мит, а господарите на кокаинот продолжуваат недопрени
-Наркобосот Ел Чапо е прогласен за виновен
Судот во Њујорк тогаш го прогласи Гузман, за виновен за сите десет обвиненија во едно од најголемите судења за дрога во американската историја - вклучително и вмешаност во криминална организација, производство и меѓународна дистрибуција на кокаин и хероин, како и перење пари и употреба на огнено оружје. Тој ја издржува казната во затвор во американската сојузна држава Колорадо.
Картелот Синалоа според американските официјални лица бил најголем снабдувач на дрога во САД.