1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот на германската левица за Југославија

Ненад Крајцер
3 декември 2018

Во организација на фондацијата „Роза Луксембург“ во Берлин се одржа трибина по повод стогодишнината од основањето на Југославија. Можеше да се чуе многу за минатото на таа земја, но речиси ништо за иднината на регионот.

https://p.dw.com/p/39GUL
Ausstellung Milorad Kovačević "Es war einmal einer Jugoslawien"
Фотографија: Milomir Kovačević Strašni

Левичарската фондација „Роза Луксембург“ го претстави својот онлајн-проект: „Југославија: приказни за создавањето и пропаста на една држава“, во рамките на кој авторите (претежно научници од регионот на поранешна Југославија) се обидуваа да го објаснат феноменот на земјата на јужните Словени и фасцинацијата која во многу делови на левиот политички спектар во Европа, а особено во Германија, се’ уште игра голема улога. Тоа можеше да се види и на трибината одржана неодамна во Берлин.

По трибината, која во голем дел делуваше како воведно предавање за студенти по историја од Југоисточна Европа, учесниците преку објаснување на „митот Југославија“ одговарајќи на прашања од публиката се обидоа да се осврнат и на сегашната ситуација во регионот кој порано се викаше Југославија. Заклучокот, како и што можеше да се очекува, е дека работите не се добри.

Повеќе100 години Југославија: сакана, мразена, завршена!

Но, да почнеме со ред. За припадниците на левиот политички спектар во Германија, пред се’ е поразителен фактот дека во земјите кои се создадоа по распадот на Југославија, всушност нема некој сериозен политички фактор од левицата. „Во принцип на подрачјето на поранешна Југославија сме во дефанзивна позиција. Целото синдикално движење во овој дел на Европа се распадна. Таму немаме организација која активно и жестоко се бори за правата на работничката класа. Напротив, поголемиот дел од синдикатите се екстремно нефункционални организации кои служат исклучиво за богатење на синдикалните функционери“, рече Крунослав Стојаковиќ, директорот на канцеларијата за Југоисточна Европа на фондацијата Роза Луксембург.

Podiumsdisskussion Jugoslawien in der Rosa-Luxemburg-Stiftung
Салата во Кројцберг, во Берлин, каде што се одржа трибината, беше полна Фотографија: DW/N. Kreizer

„Конкретната борба постои, исто како и левичарската идеја за борба преку студентските права, но пред се’ е борба во еколошкиот спектар. Тоа посебно се однесува на борбата против изградба на низа мали хидроцентрали. И тука е присутна левичарската идеја“, заклучува Стојаковиќ, укажувајќи во овој контекст и на протестите во Тузла во 2014 година. Во оваа комбинација на преклопување на надлежностите на левицата и зелените Стојаковиќ ја гледа идната лева политичка опција во Југославија. „Ова е единствен начин левицата во овој дел на Европа да излезе од гетото во кое доброволно се затвори“, оцени тој.

„Секси“ самоуправување и панк

Зошто за публиката од западниот свет, особено оние кои имаат искуство со ГДР, им е интересна Југославија, можеше да се види и насети и на берлинската трибина , и тоа преку посебноста и самостојноста која произлезе од прекинот на односите меѓу Тито и Сталин. Притоа, секогаш одново во дебатите се појавува поимот на самоуправување како егзотичен утописки модел, кој во својот корен бил и антисталинистички и антифашистички.

Повеќе: ЈугоМаркс - или зошто никој во Југославија не го сфати Карл Маркс

Иако во еден момент дури можеше да се слушне и дека самоуправувањето, кое имало за цел и работниците да имаат уддел во претпријатието во кое работат, е „зачеток на свртување кон капитализам", словенечкиот политиколог Гал Кирн објаснува дека самоуправањето во пракса не функционирало онака како што било замислено во теорија и како што денес низ еден филтер на разубавување го замислуваат некои активисти.

„Штета што во текот на дебатата вечерва не тематизиравме малку повеќе околу тоа, да покажеме дека и покрај самоуправувањето во Југославија, одлуките се носеа на некои други повисоки нивоа, како и тоа дека самите работници не баш секаде покажуваа голем интерес“, вели Ким во разговор по трибината. Така дел од публиката си замина дома со својата идеалистичка слика за југословенските фабрики во рацете на работниците.

Публицистот Роланд Чехнрер истакнува уште една „секси“ одлика на Југославија која на некогашните граѓани на ГДР им делуваше привлечно. „Поп – културата - имавте панк во Југославија пред Западна Германија. Во Југославија тие млади бендови можеа да настапат во локалните општествени центри. Тоа е таа културна отвореност на која ние од ГДР гледавме по малку со завист“, вели овој автор и новинар.

Illustration Jugoslawien: Geschichten von Werden und Vergehen eines Staates
„Југославија: приказни за создавањето и пропаста на една држава“ е насловен онлајн-проектот во рамките на кој авторите (претежно научници од регионот на поранешна Југославија) се обидуваа да го објаснат феноменот на земјата на јужните СловениФотографија: škart

Омразената ЕУ

А што е со сегашноста, Берлинскиот процес, евроатлантската интеграција? И прашањето на иднината на регионот во рамките на ЕУ е покренато дури по дебатата, на прашање од публиката. За разлика од политиката, историчарите и во голем дел набљудувачите на овој дел од Европа, учесниците во дебатата не веруваат дека мирот и иднината на регионот кој некогаш се викаше Југославија е можен само во една „супра“ државна структура како што е ЕУ.

Притоа изненадувачки беше насоченоста на учесниците во дебатата кон економскиот аспект на проширување на ЕУ со познатите флоскули како што се „новите земји членки се само пазар за Германија“ и слично, со повторување на мантратата дека на сите земји од соседството им е полошо по влезот во ЕУ. Ниту еден збор за тоа дека една од основите идеи на ЕУ е дека е мировен проект. Левицата, и тоа не само во Германија „мора да почне да размислува за алтернативна Европска унија“. 

За Гал Кирн, словенечки политиколог кој во моментов живее во Германија, ЕУ се дискредитираше поради „ревизија на минатото“ и „изедначување на комунизмот со фашизмот“. 

„И додека ЕУ во деведесеттите беше демократска со призвук на социјалдемократија, ЕУ сега е една неолиберална организација“, тврди Ким. Со сите негативни аспекти што се поврзуваат со овој поим. Она што сака левицата е некаква алтернативна Европска унија, заклучува Ким, цитирајќи го гуруто на европската левица Јанис Варуфакис – „Нам ни треба нова Европа“.

За тоа ќе има прилика веќе на следните европски избори, бидејќи Варуфакис пред неколку дена објави дека со своето движење „Дием 25“ токму во Берлин ќе се кандидира за пратеник во Европскиот парламент.