1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот за брак во име на џихадот

Дијана Ходали/ А.Трајковска 5 октомври 2014

Честопати родителите со недели не знаат каде се нивните ќерки. Потоа еден телефонски повик го донесува сознанието: Тие се во Сирија и таму ѝ се приклучија на ИД, за да ги поддржуваат мажите во борбите.

https://p.dw.com/p/1DPYN
Фотографија: Reuters

Една Сиријка влегува во интернет кафе во Рака, северносирискиот град кој од 2013 година е во рацете на Исламската држава (ИД). Сириската студентка носи долга, црна наметка под која има скриено камера. Тајно таа снима неколку девојки, кои на француски јазик преку Скајп разговараат со своите родители.

„Не мамо, не доаѓам назад, тоа можеш да го заборавиш“, се слуша гласот на една млада Французинка во видеото, кое им беше доставено на телевизиските станици „Франс2“ и „Франс24“. „Не ги преземав сите опасности да дојдам тука за сега да се вратам во Франција“, вели таа. „Сакам да останам тука, добро ми е. На телевизија претеруваат“.

Според еден извештај на Меѓународниот центар за студии за радикализација на лондонскиот Кингс колеџ, девојките кои одат во Сирија, најчесто се на возраст меѓу 16 и 24 години. Многумина од нив имаат и универзитетска диплома. Според проценките околу 3000 Европејци во Сирија се имаат приклучено кон некоја терористичка организација, најчесто ИД. Околу десет проценти од нив биле девојки и жени од Европа.

Романтични претстави

Младата Французинка, која разговараше со мајка и‘, е една од нив. Преку 60 жени и девојки од Франција се наоѓаат во Сирија на страната на терористичката група. 60 натамошни млади жени, според фрнацуски извори, се надгледуваат бидејќи постоеле укажувања дека планирале да отпатуваат во Сирија кај членовите на ИД.

Исто така и од Велика Британија 50 девојки и млади жени веќе станаа членови на ИД. Поголемиот дел од нив се претпоставува дека се во Рака. Некои од нив дури и учествувале во борбите. Во Германија се смета дека околу 40 млади жени отпатувале во Сирија или Ирак за да се приклучат кон ИД. Повеќето отпатувале без одобрение на родителите.

„Четири малолетни жени отпатуваа со романтична претстава за џихад-брак и се омажиле за млади мажи, кои ги запознале како борци преку интернет“, вели Ханс Георг Маасен, претседател на Сојзуната служба за заштита на уставот за весникот „Рајнише пост“. „Овие млади луѓе се заслепени и не знаат што ги чека“.

Повеќето млади жени го напуштаат сигурниот дом со надеж дека ќе најдат голема љубов и ќе се омажат. Некои од нив претходно веќе биле заедно со тие мажи во Европа. „Тие сакаат да ги поддржат своите браќа по вера во борбата и да добијат деца, за колку што е можно повеќе да го прошират нивното толкување на исламот“, го цитира „Гардијан“ Луис Каприоли, поранешен раководител на анти-терористичкото крило на внатрешната тајна служба на Франција.

Bildergalerie Alltag in Syrien unter IS Herrschaft
Рака е под контрола на милиците на ИДФотографија: Reuters

Регрутирање преку интернет

Монасер АлДемех истражува на универзитетот во Антверпен, Белгија на тема радикализација. Во неговиот прилог на интернет страницата „Ал Монитор“ тој појаснува дека растечката исламофобија и зајакнувањето на десничарските партии биле причини зошто младите жени се приклучуваат кон некоја терористичка организација. Освен тоа улога игра и детството на девојките. „Овие девојки честопати имаат чувство дека немаат место во општеството. Тие се чувствуваат отфрлени од сите страни, исто и од некои муслимани“, појаснува тој. „Фактот, што тие контактираат муслимани, кои се чувствуваат исто како нив, им дава чувство да се биде сакан и прифатен“.

Оттука и социјалните мрежи играат голема улога при регрутирањето. Таму тие разменуваат информации, си даваат предлози како најдобро можат да допатуваат преку Турција. Жените кои се веќе во Сирија, ги охрабруваат нивните т.н. сестри по вера да му се приклучат на џихадот, им цртаат идеална слика за живот во зацртаниот калифат и им нудат да ги преземат патните трошоци. Понекогаш ги привлекуваат со дополнителни финансиски средства.

Но реалноста на лице место честопати е друга. Според извештај на ОН терористичката група ИД веќе има 1500 жени и девојки, но и момчиња, кои се секс-робови, некои дури биле и продавани. Освен тоа редовно имало злоупотреби. Некои млади жени од Германија веќе се вратени од Сирија.